Нема храна за притворенитеците во “Шутка” !

Истражниот затвор „Скопје“ во населбата Шуто Оризари – популарната „Шутка“ – каде што ги сместуваат притворениците, годинава работи со буџет намален за 60 отсто. Во десетте затвори во земјава, државата троши само 950 денари месечно по затвореник или по 30 денари дневно. Ова го соопшти извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекви права Уранија Пировска, која вели дека храната што ја добиваат затворениците не е доволна, па тие практично се принудени да се снабдуваат со јадење од дома.

Иако со смената на власта се забележува видно подобрување на условите во затворите, Пировска тврди дека сè уште постојат огромни проблеми со кои секојдневно се соочуваат затворениците. За пример го наведе фактот што во ниту еден затвор нема постојан лекар, ниту, пак, се работи на ресоцијализација на осудениците.

– Добивме информација дека буџетот предвиден за затворот „Скопје“ е намален за 60 проценти во споредба со тој од минатата година. Од тие причини и семејствата на затворениците се принудени да им носат храна два до трипати неделно. Тие храната ја чуваат во своите ќелии, а тоа влијае врз хигиената, врз појавата на инсекти. Мора да се одвојат повеќе средства за оваа популација. Не може веќе со години да го зборуваме истото, дека во казнено-поправните установи има само еден доктор – рече Пировска.
Титулата – установа со најлоши услови и овој пат ја освојува затворот „Идризово“, посочуваат од Хелсиншкиот комитет, објаснувајќи дека и во машкото и во женското одделение условите се супстандардни.

Во извештајот е наведено дека во затворите не се води сметка за сместувањето, тие се пренатрупани, осудените лица ниту работно се оспособуваат, ниту, пак, имаат можност за какво било образование. Во извештајот е наведено дека пренатрупаноста е постојан проблем од проста причина што судовите многу ретко одлучуваат да применат алтернативни казнени мерки.

Кога Хелсиншкиот комитет го вршел мониторингот во сите затвори низ земјава, освен затворениците, на лоши услови за работа се жалеле и самите полициски службеници и чувари.

– Во континуитет ни се случува да се избираат директори на затвори кои поим немаат за тоа што значи затвор и со каква популација тие ќе треба да се соочат и да работат. Тоа се прашања што директно влијаат врз квалитетот на услугите што треба да ги добијат осудените лица – изјави Пировска.

Од Комитетот бараат системот на пробација, односно системот за алтернативни мерки за следење на затворениците, конечно да профункционира, оти законот е донесен пред четири години.

Одамна се набавени алки и друга опрема за електронски надзор на осуденици, но тие стојат како сувенири во магацините на Управата за извршување санкции, бидејќи нема фирма за одржување на опремата. Затоа судовите не изрекуваат алтернативни мерки, а затворите се пренатрупани и по владината одлука за амнестија, коментираат од Хелсиншкиот комитет.

Total
0
Shares
Поврзани објави