КОНСТАТАЦИИ
Здравствениот систем во казнено-поправните установи изумира,здравствената заштита во затворите е под секакво ниво и стандарди, а по три години од донесените законски измени истата не е целосно преземена од Министерството за здравство, ниту за нејзино ефикасно функционирање се обезбедуваат потребните финансиски и материјални средства;
• Загрижува состојбата во затворите, затоа што во дел нема воопшто вработено лекар, а таму каде што има истиот е достапен само до 16 часот, по што за осудените и притворените лица се грижи друго осудено лице или затворската полиција. Појавата на смртни случаи на осудени лица во извештајниот период, која е нотирана и во периодот потоа алармира на потребата од сериозен пристап и решавање на проблемот со здравствената заштита, како од аспект на ревенција така и за навремена, соодветна и ефикасна здравствена заштита на притворените и осудените лица;
• Не е решен најгорливиот проблем во казнено-поправните установи-пренатрупаноста, што во најголема мерка придонесува осудените и притворените лица да ја издржуваат казната во лоши и деградирачки услови, што претствува нехуман и деградирачки третман;
• Системот на здравствена заштита во казнено-поправните установи не е функционален, уште помалку е ефикасен, а во некои и воопшто го нема. Осудените и притворените лица добиваат некаков здравствен третман само во работното време на здравствената служба. Во спротивно за нив се грижи или друго осудено лице или затворската полиција, а само во посебни случаи се носат на Клиника;
• Пристапот на осуденичките до здравствената служба во КПД „Идризово“ е тежок и многу редок. Отсуствуваат редовни и контролни прегледи, рана детекција и превенцијата на болести кај жените, нема обезбедено гинеколошки прегледи, а во установата нема вработено лекар-гинеколог;
• Со години не е обезбеден редовен образовен процес во казнено-поправните установи, ниту е соодветно екипиран Секторот за превоспитување што негативно влијае на ефикасноста
на процесот на ресоцијализација и социјална адаптација на осудените и притворените лица и
• Случаите на прекумерна употреба на сила врз осудени лица од страна на затворската полиција укажуваат на недоволна едуцираност и непрофесионален однос на вработените во вршењето на службата.

ПРЕПОРАКИ
Да се пристапи кон измена на Законот за извршување на санкциите со што здравствената заштита ќе се врати во надлежност на Управата за извршување на санкциите, со што ќе се безбеди соодветен и ефикасен пристап до здравствени услуги, преку обезбедување на редовни и навремени прегледи од здравствени работници во затворите, во текот на 24 часа, и ќе се отстрани опасноста од влошување на здравствената состојба на осудените и притворените лица, односно зачувување на нивниот живот и здравје;
• Итно преземање мерки за создавање на основни предуслови и ресурси (кадровски, материјални, финансиски) за обезбедување на правото на здравствено осигурување и здравствена заштита на лицата во казнено-поправните установи, согласно меѓународните и домашните стандарди;
• Владата во соработка со Министерството за правда, Управата за извршување на санкциите и управите на казнено поправните установи неодложно да преземат мерки за намалување и ефикасно решавање на проблемот со пренатрупаноста, како и мерки за подобрување на условите за издржување казна затвор/притвор, почитувајќи го човековото достоинството на овие лица;
• Министерството за здравство да преземе мерки за итно имплементирање на Законот за извршување на санкциите за воспоставување соодветен систем на здравствена заштита во казнено-поправните и воспитно-поправните установи, преку доекипирање и вработување на потребниот здравствен персонал, како и мерки за подобрување на условите и опременоста во затворските амбуланти;
• Здравствената заштита на осуденичките да биде редовна и навремена. Без одлагање, Женското одделение, односно Управата на установата во КПД „Идризово“ да обезбеди, во секое време, пристап до лекар на осуденичките, согласно нивните потреби, да се доекипира здравствената служба со соодветен персонал и под итно да се обезбедат редовни гинеколошки прегледи;
• Министерството за образование и наука и Управата за извршување на санкциите сериозно да се ангажираат за воспоставување и реализирање на задолжителното редовно основно и средно образование на осудениците во казнено-поправните установи, како дел од општиот систем на образование и воспитување, користејќи ги компаративните искуства и позитивните практики од други држави и
• Почести и континуирани едукативни обуки на вработените во затворската полиција за почитување на човековите слободи и права и поголема професионалност во односот и постапувањето со осудените/ притворените лица.