Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице за сторено кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетата жителка на Тетово, во домот во кој што времено престојувала во Скопје, неовластено заради продажба држела наркотична дрога хероин со вкупна нето маса од 31,62 грама, како и психотропни супстанции – половина таблета метилен-диоксиметамфетамин и 0,67 грама псилоцин. Наркотичните средства биле пронајдени при претресот на домот во кој престојувала обвинетата на 24.01.2019 година.

Со оглед на тоа што се уште постојат причините поради кои на сега обвинетата и беше определена мерка притвор од страна на судијата на претходна постапка, надлежниот јавен обвинител до Судот достави и предлог за продолжување на притворот.

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт  против едно лице кое се товари дека сторило кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетиот неовластено заради продажба набавил поголемо количество наркотична дрога – хероин и кокаин, ја однел во својот дом во скопското село Синѓелиќ и ја препакувал во помали количества со намера да ја пушти во продажба. При извршениот претрес на неговиот дом на 07.03.2019 година била пронајдена и одземена наркотична дрога кокаин со вкупна нето маса од 269,41 грама, како и наркотична дрога кокаин со вкупна нето маса од 90,9 грама. Притоа била пронајдена и дигитална вага и други предмети со остатоци од наркотична дрога.

Согласно член 98 од Кривичниот законик, надлежниот јавен обвинител во Обвинителниот акт му предложи на Судот од обвинетото лице да се конфискува посредната имотна корист – парични средства и тоа вкупно 350 евра и 64.000 денари во различни апоени, бидејќи имотната корист произлегува од недозволена активност на обвинетиот.

Со оглед на тоа што се работи за лице кое досега повеќепати е осудувано, а имајќи го предвид видот и карактерот на кривичното дело, висината на пропишаната казна и начинот на извршување, надлежниот јавен обвинител ценеше дека се исполнети законските основи на обвинетиот да му биде продолжена претходно определената мерка притвор. Затоа до Основниот суд Скопје 1 Скопје заедно со обвинителниот акт е поднесен и предлог за продолжување на притворот, поради опасност обвинетото лице да се даде во бегство, да го повтори кривичното дело или да влијае на кривичната постапка.

соопштенија ЈО