Зорица Заева била прислушувана 285 дена, а неколкумина новинари биле „таргет“ над 1.500 дена

Обвинителката Ленче Ристоска во завршниот збор за случајот „Таргет и Тврдина“, истакна дека има три категории на оштетени лица од масовното незаконско прислушување во УБК.

-Има три категории на оштетени лица, дел биле таргети, дел биле соговорници на таргетите, а дел биле со судски налог, но биле следени и надвор од законската регулатива, истакна обвинителката Ристоска.

Таа прочита за секој од оштетените колку денови бил прислушуван, па така на пример сопругата на премиерот Зоран Заев, Зорица Заева, била прислушувана 285 дена, новинарката Оливера Трајковска била прислушувана на три телефона и тоа по 400, 638 и 1.589 дена. Новинарот Васко Попетрески бил „таргет“ 954, 222 и 1.588 дена, на три телефона.

Уредничката на неделникот „Фокус“, Јадранка Костова, била нелегално прислушувана 401 и 315 дена на два телефона, Горан Михајловски 362 дена, Младен Чадиковски 471 дена, Фатмир Бесими 1.422, Хари Костов 746 денa.

Организатор на нелегалното прислушување во УБК бил тогашниот директор Сашо Мијалков. Од него не очекуваме да признае дека ја организирал групата, бидејќи за цело време се трудел да ги сокрие трагите.

Ова во завршниот збор за случајот „Таргет и Тврдина“ го поентираше обвинителот Трајче Пеливанов.

-Одбраната на Мијалков се движише во насока дека нелегалното прислушување го вршела трета страна, повикувајќи се на извештај на израелска компанија. Вештото лице, пак, во целост го поби овој извештај, рече обвинителот Пеливанов.

Тој додаде дека сите материјални и вербални докази укажуваат дека масовното незаконско седење на комуникациите е планирано и реализирано од злосторничкото здружение кое го создал Мијалков.

Обвинителот појасни дека и сведокот Звонко Костовски, бил дел од групата која учествувала во нелегалното прислушување, но поради придонесот кој го дал за истрагата, тој е прогласен за сведок соработник.

-Звонко Костовски не го вршел прислушувањето сам, како што тоа некој сакаше да го наметне. Тој никогаш ниту маркирал бореви, ниту давал налози за прислушување, истакна Пеливанов.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

извор: Фокус.мк

Total
0
Shares
Поврзани објави