Вработен во Дурмо Турс, Филип Наумовски, возач кој дента на кобната сообраќајка кај Ласкарци бил кондуктер во автобусот е првиот сведок кој денеска сведочеше за трагедијата во Кривичен Суд.

Наумовски рече дека дента турите за Скопје ги возеле тој, колегата Џемаил и обвинетиот возач Мануел, а Мануел ја возел турата до Скопје утрото во 7 часот, потоа повторно возел до Скопје во 14.30 часот, а следната која ја возел била кобната во 16.15 часот, пренесе Плусинфо.

За несреќата дознавме кога на Џемаил му се јавија на телефон да му кажат дека нашиот автобус летнал од автопат. Кога стигнавме ние на местото, застанавме и јас се симнав долу каде беше превртен автобусот. Прво го видов Мануел, беше пред автобусот, го прашав што се случи. Ми одговори:”Не знам што се случи”. Друг одговор не ми даде, сведочеше возачот денеска во Кривичен.

Тој потврди дека во автобусот имало уред за манипулација на брзината.

Тој уред го има уште од 2011, неколку месеци по моето вработување во Дурмо Турс. Јас го придружував колегата Бесник кога однесовме два автобуси да го наместат дугмето. Прво едниот, а потоа и другиот. Тоа беше во една фирма во Железара. Дугмето служи за да не се прикажува вистинската брзина, туку да покажува 12-13 километри на час помалку, додаде пред судиите.

Возачот Наумовски денеска рече дека не може да тврди по чиј налог Бесник ги возел автобусите во сервис каде се вградувал манипулаторот и кажа дека газдата Дурмиш можеби и не знаел дека има манипулатори.

Aвтобуската несреќа се случи на 13 февруари годинава кај селото Ласкарци, а загинаа 16 лица, додека 37 беа потешко повредени.

За автобуската несреќа обвинети се шест лица. Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во формата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноил Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.