Уште нема исход од истрагата за хакирањето на ДИК

Два месеца по хакерскиот напад на интернет страницата на Државната изборна комисија, никој не знае кој стои зад него.

Скопското обвинителство добило дел од ИП адресите од каде бил извршен хакерскиот напад на системот, односно сајтот на ДИК, на кој вечерта на 15 јули требаше да бидат објавени изборните резултати. Но, наместо тоа, интернет страницата не функционираше.

„Основното јавно обвинителство Скопје преку инструментите за меѓународна правна помош се обрати до Соединетите Американски Држави со цел да обезбеди податоци за ИП адресите од кои бил извршен неовластен упад во системот за објавување на изборните резултати на Државната изборна комисија. Дел од податоците се добиени, а дел се очекуваат. По комплетирање и анализа на сите потребни податоци ќе биде донесена одлука за натамошното постапување“, велат од Обвинителството.

Паралелно со овие активности, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ја истражува и набавката на софтверот за ДИК кој требаше да ги покажува резултатите од гласањето.

Но, за склучениот договор во четири очи меѓу ДИК и приватна фирма, Обвинителството не сака да изнесе детали за да не ја наруши истрагата.

И покрај добиеното негативно мислење од Бирото за јавни набавки за тендерот со таа фирма, првиот човек на ДИК, Оливер Дерковски, тврдеше дека тоа не било обврзувачко, а фирмата понудила најниска цена за софтверот од околу 15.000 евра.

Total
0
Shares
Поврзани објави