СЈО ќе остане без бомбите и со помали плати?

Постои вистинска закана да пропаднат триесетина истраги и стотина предистражни постапки на СЈО, покренати против поранешни владини функционери, бидејќи е можно со новото законско решение за СЈО да им се забрани да ги користат „бомбите“, односно материјалите од прислушуваните разговори. Ова е анализата на неделникот Фокус за иднината на СЈО.

Ова бил предлогот на партиите околку изработката на Законот за специјалното јавно обвинителство, кој пак дијаметрално се разликува од законските предлози изработени од СЈО и од владината работна група. Очигледно е дека на дел од пратениците, меѓу кои има и обвинети во предмети на СЈО, не им одговара ова обвинителство да продолжи да работи како и досега, па затоа веќе ја поставиле својата црвена линија.

Ова би значело дека ќе запрат сите досегашни истраги и предистраги, но ќе продолжат предметите за кои обвиненијата се веќе поднесени.

Дека ќе мора да се прават компромиси е повеќе од очигледно, бидејќи овој закон се носи си двотретинско мнозинство, односно потребно е да гласаат повеќе од 80 пратеници.

Министерката за правда Рената Треневска Дескоска, на денешниот брифинг за новинарите, рече дека таа лично смета дека СЈО треба да ја задржи својата моќ и независност, бидејќи тоа се покажало како одлично решение, и дека не треба СЈО да се изедначи и да се стави во рангот на Обвинителството за организиран криминал.

Сепак вели дека околку „бомбите“ има можност за компромис, односно според неа би можеле да се користат како индиции за истраги, но во судска постапка обвинителите да обезбедат нови докази.

Исто така засега е неизвесно што ќе се случи со истрагите на СЈО, за кои на обвинителството му истече рокот од 18 месеци за поднесување на обвинение, а од друга страна редовното обвинителство не може да ги превземе, бидејќи тоа нема надлежност врз бомбите.

Досега во јавноста единствено беше објавено законското решение изработено од работната група. Според него, Специјалното јавно обвинителство (СЈО) ќе продолжи да функционира со проширена надлежност, но во рамките на редовното јавно обвинителство.

Освен прислушувањето, како досега, СЈО ќе може да гони кривични дела што ги извршиле претседателот на државата, поставените амбасадори и други претставници на државата во странство и именувани лица од претседателот на државата, избрани или именувани функционери во и од Собранието, во и од Владата, во судовите, јавното обвинителство, Судскиот совет, Советот на јавните обвинители, избраните градоначалници на единици на локалната самоуправа и Град Скопје и одговорни лица во политички партии против изборите и гласањето; животната средина и природата; културното наследство и природните реткости; јавни финансии, платен промет и стопанство.

СЈО ќе може да гони дела што ги сториле вооружените сили; дела против службената должност и јавниот ред, како и кривичните дела неовластено одавање информации и податоци за сведоците, соработниците на правдата, жртвите што се јавуваат во својство на сведоци и нивните блиски лица од Законот за заштита на сведоците и кривично дело давање лажен исказ, спречување докажување, незаконито влијание врз сведоци, присилба према правосуден работник, спречување службено лице во вршење службено дејствие, ако овие дела се сторени во врска со постапки што ги води специјалното јавно обвинителство.

Исто така новината е што Специјалниот јавен обвинител, во случајот Катица Јанева, ќе одговара пред републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески и на секои шест месеци ќе треба да му поднесува шестмесечен извештај.

Новина е и тоа што платите на обвинителите од СЈО ќе се намалат и ќе бидат во рамките на обвинителите од Вишото јавно обвинителство. Исто така платата на специјалниот јавен обвинител за 5 % ќе биде пониска од онаа на републичкиот јавен обвинител.

Засега е неизвесно како ќе се доближат идеите на СЈО со оние на работаната група и на партиите и кое законско решение ќе натежне.

текстот целосно е превземен од Фокус.мк

Total
0
Shares
Поврзани објави