Саздо од тепањето имал ужасни болки во главата и градите

Со изведување на психијатриско вештачење од доктор специјалист, денеска во Кривичниот суд во Скопје продолжи судењето за убиството на 20-годишниот Никола Саздовски, за кое се обвинети Бесир Беља, Скендер Демири и уште едно лице кое е во бегство.

На денешното рочиште беа сослушани и вештите лица-доктор специјалисти, кои го изработиле изведеното како доказ психијатриско вештачење за интензитетот и времетраењето на повредите нанесени на сега покојниот Никола Саздовски.

Лекарот специјалист, на прашање од јавниот обвинител во исказот пред Судот рече дека, мислењето е извршено врз основа  на вештиот наод и мислење од судска медицина за видот и повредите.

– Иако се траело кратко, интензитетот бил силен во трпењето на физичка болка, бидејќи сите наведени повреди се извор на физичка болка која е непријатна телесна и душевна сензација, која во случајот настанала поради директна трауматизација на меки ткивни тела. Како што е наведено, болки кај повредениот имало во пределот на лицето, градниот кош и интензивни главоболки, изјави медицинското лице.

Во однос на стравот, посочи вештото лице, оштетениот бил ненадејно нападнат и неминовно е да заклучиме дека таа ситуација, како кај секое лице, предизвикала чувство на загрозеност и страв.

– По губитокот на свеста немал можност да чувствува страв и немаме податок дека по ударите бил свесен и можел да чувствува страв, поради што туку станува збор за постоење на интензивен страв за својот живот во времетраење од една до три минути, изјави медицинското лице.

Лекарот специјалист, на прашања од одбраната, за тоа дали во физичка пресметка може да се зборува за  свирепост рече дека тоа е психолошки и општествен, а не психијатриски феномен.

– Доколку свирепост подразбира правење дејствија со кои кај некого нанесуваме физичка и душевна повреда и притоа да не се грижиме за видот и болката со нашето дејство, иако нашето ментално ниво дозволува да бидеме свесни за последиците на нашите дејствија. Мислам дека е прашање на судот да цени дали е свирепост или не, рече вештото лице.

Прашана од каде заклучува дека интензитетот бил силен, медицинското лице рече дека сето тоа го објаснила врз основа на тоа што го учеле од медицинската литература.

Во судница присутни се медицински лица и технички советник ангажиран од одбраната.

На прашање од техничкиот советник, медицинско лице повикано од одбраната, дали кога станува збор за починато лице врз основа на повреди може да се валоризираат претрпените физички и душевни болки, вештото лице рече дека и претходно одговорила.

– Да, постои и може врз основа на нанесените повреди кои ги знаеме да се утврди и интензитетот на болката, рече вештото лице.

Техничкиот советник на одбраната, пред Судот изнесе забелешка за меродавноста на изработеното вештачење.

Судот на почетокот на денешното рочиште информира дека барањето на одбраната за изземање на ЈО се отфрла како неосновано.

Според обвинителниот акт, Беља и Демири заедно со Ј. Љ. (19), кој е во бегство, на 29 јуни минатата година крвнички го претепале Саздовски на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид“ на булеварот „Александар Македонски“ во Автокоманда.

Од здобиените повреди, Саздовски на 9 јули 2018 година почина на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Двајцата од напаѓачите, Бесир Беља и Скендер Демири, се во притвор во затворот „Скопје“ во Шутка, а за третоосомничениот, кој сè уште е недостапен за органите на прогонот, е распишана домашна и меѓународна потерница.

извор: press24.mk

 

Total
0
Shares
Поврзани објави