Сашо Мијалков од куќен притвор денес со полициска придружба со полицајци од Полициската станица во Центар е донесен во судница на пресудата за „Тврдина-Таргет“. Во моментов трае изрекувањето на пресудата за овој предмет кој е еден од најголемите предмети кои што ги отврди СЈО.

На 29 март 2016 СЈО отвори истрага „Тврдина” за уништување на системите за следење на комуникациите од УБК, а на 17 ноември истата година и истрагата со кодно име „Таргет”. Поради нивната поврзаност, кога поднесе обвинение, СЈО ги спои двата предмета во еден.

На 22 декември 2017 беше закажан и почетокот на судењето. По повеќе од три години судење, процесот влезе во крајот од првостепената постапка.

Во обвинението, СЈО посочи дека директно и индиректно со прислушувањето биле опфатени околу 20.000 граѓани. Незаконски биле следени 4.286 телефонски броја за кои воопшто не биле издадени судски наредби. На други 1.541 број, пак, комуникацијата била следена и пред и по завршување на траењето на важноста на судските наредби. Или, вкупно биле следени 5.827 телефонски броеви.

Обвинението, по згаснувањето на СЈО премина во рацете на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, а обвинението го водат истите обвинители, Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов.

Извор: mkd.mk