Вилма Рускоска, шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, денеска кажа дека најдоцна до крајот на мај очекува да биде подигнато обвинение за организаторите на крвавиот четврток  во Собранието од 27 април 2017.

Најдоцна до крајот на мај очекувам да биде подигнато обвинение за организаторите на случувањата во Собранието на 27 април 2017 година. Но, не очекувам дека во скоро време ќе ми се укаже можност да го сослушам и поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство.

Добар дел од сведоците кои планирав да ги сослушам ги сослушав. Оваа недела тече распитот на обвинетите. Следната недела веројатно ќе се договорам со одбраната да извршат увид во доказите, а ќе видам и дали треба да се сослуша уште некој сведок по што ќе ја привршам истрагата, потврди обвинителката Рускоска.

Таа дополни дека при крај е и документацијата за екстрадиција на последниот обвинет во првиот процес за настаните во Собранието Дејан Давидовски, кој беше во бегство во Шведска.