Државниот обвинител Љубомир Јовески нема надлежност да ја изземе специјалната обвинителка Катица Јанева од предметите на СЈО, е одговорот што судијата Огнен Ставрев го доби од ЈОРМ, на барањето од обвинетите во случајот „ТНТ“ за изземање на Јанева од предметот.

-Републичкото јавно обвинителство не е надлежно да постапува по вашето барање. Според Законот за СЈО не е дел од јавнообвинителската хиерархија и има своја автономија, а одговара пред Собранието и Советот на јавните обвинители, стои во писмото кое судијата Ставрев го прочита на денешното рочиште за овој предмет, потпишано од обвинителката Анита Исајловска.

На претходното рочиште, екс градоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски кој е обвинет во предметот побара изземање на обвинителката Јанева.  Трајковски појасни дека се сомневаат за поврзаност на директорот на фирмата „Дрим билдинг“, Адриан Амзоски, кој бил инвеститор во зградата „Космос“, со случајот „Рекет“, потенцирајќи дека обвинението против Амзоски за „ТНТ“ било повлечено од Јанева.

Во предметот „ТНТ“, за уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски, меѓу обвинетите се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Трајковски.

Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.