Ременски: Дали ние политичарите треба да одговараме за доведување во заблуда на граѓаните за нереализирани изборни ветувања

Ако поддршката за некого е кривично дело, во истиот момент можам да се пријавам за уште 15 поддршки кои отворено сум ги дала на проекти и активности, кажа Фросина Ременски во нејзините воведни зборови во случајот Меѓународен сојуз каде е обвинета за помагање на измама.

Измамата, според обвинителстовото, се однесува на тоа дека двајцата бизнисмени Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски биле измамени со проект за Европски центар за возрасни лица и мобилен сервис и дале околу еден милион евра. Улогата на се уште актуелната пратеничка, пак, била што одела на состаноци со Бојан Јовановски, му давала совети и го искористила угледот и влијанието за да се доведат во заблуда бизнисмените дека зад проектите стои власта.

Ако се оди според таа логика на обвинителството, според Ременски, 80 проценти од пратениците во овој, во минатите и идните собраниски состави би требало да се најдат на обвинителна клупа.

„Ќе докажеме дека општествената обрска на граѓаните и сите избрани и именувани функционери, од локално до централно ниво и сите органи, имаат обврска и должност да поддржат идеја во интерес на граѓаните”,

рече Ременски.

Таа настапи и со тези дека ако се направи само статистички преглед, нема невладина оеганизација која е субјект во судска постапка, како што нема ниту судење или истрага за некој авторски проект алудирајќи на проектот за Европски центар.

Ако само овој авторски проект на авторката која е сведок е предмет на истрага и судска постапка, би го запрашала јавното обвинителство дали не наоѓа за сходно да ги истражи авторските проекти и хонорари од 15,3 милиони евра од Буџетот за Скопје 2014? Дали тоа не е општествen интерес, прашање е сега”,

рече Ременски.

Таа го коментираше и делот од обвинението каде се вели дека бизнисмените биле доведени во заблуда со проектот, па во тој контекст праша и дали политичарите треба да одговараат за истото.

Ако зборуваме за заблудите, можеби ова се последните денови кога се обраќам како пратеник, па дали ние политичарите треба да одговараме за доведување во заблуда на граѓаните, нереализирани изборни ветувања кои ги промовираме преку изборни кампањи? Дали нереализацијата на програми ако се доведе во ваков кривично правен контекст не е доведување во заблуда на граѓаните? Ако е така, јас лично и персонално како творец на изборната програма на СДСМ во 2016 во сферата на безбедност имам за што да се пофалам во однос на реформите, но и за што да се пријавам затоа што сум зборувала за вистинска борба против криминалот”, истакна Ременски.

извор: 360 степени

Total
0
Shares
Поврзани објави