Судот во Куманово повторно го осуди на 6 години затвор, Бобан Илиќ од Куманово, затоа што пред 3 години го прегази 4-годишниот Алмир Алиу, по банална расправија со неговиот татко. Кривичниот совет во Основниот суд Куманово ги изрече истите казни и за роднините на детето, 6 месеци затвор за таткото Седат Алиу, а на по 9 месеци за неговите чичковци Сами Демири и Абдула Алиу за сторено кривично дело насилство.

Семејството Алиу и неговите адвокати не се задоволни од пресудата и ќе поднесат жалба по повисоките судски инстанци, а најавуваат дека правдата ќе ја бараат и во Судот за човекови права во Стразбур.

„Напатствијата од повисокиот суд беа јасни и децидни, првостепениот суд во Куманово во ниту еден момент ништо не примени во тој поглед, ниту пак смени. Се оглушија од напатствијата од Апелациониот суд. Доколку предметот се најде пред Врховниот суд се надевам дека судиите ќе ги увидат аномалиите и грешките, она што ние цело време го зборуваме. Ние нема да ја прекинеме правната битка, ќе ги превземеме сите правни битки, а најавуваме дека ќе ја продолжиме и надвор од државата. Селективнтата правда е неправда, монтиран случај кој ние ќе го демонтираме“, изјави адвокатот Асмир Алиспаиќ.

За адвокатите е спорно што вештачењето го вршеле лица на кои им истекле лиценците, а содржината на нивните вештачења биле еднострани и тенденциозни, како и недозволување од судот да се сослушаат сведоците предложени од одбраната.

Бобан Илиќ, прво беше обвинет за убиство, а потоа делото беше преквалификувано во тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Судскиот процес беше со постојани тензии, а беа организирани и протести пред судот во Куманово и во Скопје.