Бизнисменот Орце Камчев, кој во случајот „Империја“ на Специјалното јавно обвинителство е осомничен, а во најновиот случај на редовното обвинителство е сведок, заканите за рекет прво му ги пријавил на премиерот Зоран Заев.

Ова за „Независен весник“ го изјавила обвинителката Вилма Русковска, која го води случајот ,,Рекет“.

Од Обвинителството за гонење организиран криминал за „Независен весник“ потврдуваат дека Заев пријавил кај нив.

„Премиерот усно нè извести мене и јавниот обвинител на РСМ, притоа изразувајќи подготвеност да дојде и да поднесе кривична пријава на записник. Но ние му советувавме сведокот да дојде во Обвинителство и да пријави“, вели раководителката на Обвинителството, Вилма Русковска.

Ниту таа не сакаше да каже дека се работи за овој случај, но вели дека првпат премиерот им кажал за ова во втората половина на април. Со оглед на тоа дека истрагата против неформалниот сопственик на 1ТВ, Бојан Јовановски, познат во јавноста како Боки 13, е отпочната на 2 мај, најверојатно Камчев му се пожалил за рекетот прво на Заев, па потоа поднел кривична пријава во Обвинителството, пишува Независен весник.