Обвинителката на СЈО, Лиле Стефанова избегнувајќи ги медиумите дојде од задниот влез во Обвинителството за организиран криминал, каде е повикана во врска со случајот ,,Рекет”. Обвинителката Вилма РУсковска се уште е на одмор , па со Стефанова ќе разговара обвинителката за организиран криминал, Ивана Трајчева.

Стефанова и специјалната обвинителка Катица Јанева беа спомнати во снимените разговори и видеата што ги објави интернет-изданието на италијанскиот весник „Ла верита”, а во врска со случаите „Рекет” и „Империја”.

Лиле Стефанова е обвинителката за предметот „Империја“, каде што осомничени се Орце Камчев и Цветан Панделески. Во една од снимките што се објавени од италијанскиот весник „Ла верита”, поврзани со случајот „Рекет”, шефицата во оставка на СЈО, Катица Јанева, вели дека ја има под контрола Лиле Стефанова, обраќајќи му се на бизнисменот Орце Камчев, кој е осомничен во предметот „Империја”, кој го води Стефанова.

Иако контекстот на разговорот се уште не е до крај разјаснет Стефанова веднаш по објавувањето на првиот раговор се понуди да соработува со Обвинителството , а два дена потоа и даде изјава со многу детали.

Обвинителката Стефанова преку писмена изјава откри деловни тајни од работата на СЈО и шефицата Јанева. Таа тврди дека без нејзино знаење Јанева носела одлуки за случајот „Империја”, потсетувајќи дека барањето за издавање на времен пасош било одобрено без таа да дaде согласност. Дополнително, обвинителката Јанева на состанок со обвинителите според Стефанова побарала предметот да се затвори и никој да не оди во затвор.