Универзитетскиот професор Гордан Кајалџиев е револтиран што на СЈО ќе му се стави клуч на врата и тоа, како што вели, без вистински обид да се спаси обвинителството, вели за весникот Фокус.

Тој вчера присуствуваше на состанокот во Министерството за правда, заедно со академик Владо Камбовски, министерката Рената Дескоска, обвинителите Љубомир Јовески и Ленче Ристевска, свикан по писмото на Катица Јанева да се предадат сите предмети на редовното обвинителство, по што на фејсбук напиша „Сам против сите“.

Токму затоа го прашавме професорот кој бил неговиот став околу иднината на СЈО, а кој се разликувал од останатите.

-Сите сакаат да го закопаат СЈО, се става клуч на врата, а сите молчат. Останатите обвинители фаќаат сеир, предметите ќе се предадат, а никој не се секира за исходот, вели Калајџиев за „Фокус“.

Тој вели дека наместо да се затвори СЈО требало да се избере ново.

-Секако мандатот на Јанева истекуваше, требаше да се избере нов шеф. Требаше барем да се проба, а мислам дека партиите ќе се усогласеа за некој кандидат. Но за жал акцијата беше да се сруши СЈО, бидејќи излегува дека само служело да се сруши ВМРО-ДПМНЕ, реагира професорот.

Тој додава дека одлуката на Јанева да се предадат сите предмети е незконска.

-Предметите не се ниту на мајка и, ниту на татко и, не ги донела од Гевгелија, па да ги предава. На овој начин само ќе се развлечат, кој знае во чии раце ќе завршат. Згора на се, адвокатите на обвинетите ќе ја спорат законитоста, вели Калајџиев.

Професорот вели дека Членот 6 од Законот за СЈО и дава право на Јанева да предеде одреден предмет на друго обвинителство, поради некоја причина, а не сите да ги даде топтан.

-Ме разочараа и обвинителите од СЈО. Јас да сум работел некој предмет три години, да сум ја ставал главата во торба, немало шанса да ги дадам на друг, заклучува Калајџиев, кој прашува каде е сега јавноста, шарената револуција, да протестираат за спас на СЈО, изјави за Фокус професорот Калајџиев.

извор : Fokus.mk