Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело – Насилство од чл.386 ст.6 во врска со ст.3 во врска со ст. 1 Од Кривичниот законик.
Лицата се осомничени дека на 07.10.2018 година извршиле грубо насилство во угостителски објект во населбата Драчево, при што тешко телесно повредиле две лица и со тоа во јавноста предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв.

Откако критичната вечер осомничените дошле како гости во локалот, најпрвин започнале вербална расправија со оштетените, која потоа прераснала во тепачка. Еден од осомничените со остар предмет им нанел тешки телесни повреди во вид на убодни рани на двајцата оштетени.

Законското битие на наведеното кривично дело упатува на тоа дека сторителите друг малтретираат, грубо навредуваат и му ја загрозуваат сигурноста или врз него вршат грубо насилство, а со тоа во јавноста предизвикуваат чувство на несигурност, загрозување или страв. За ова кривично дело извршено во група од две или повеќе лица или кога станува збор за насилство извршено врз повеќе граѓани, а квалификаторен елемент е и доколку како последица е нанесена тешка телесна повреда или смрт на некое лице, е предвидена затворска казна од три до десет години.

Во конкретниот случај, во текот на предистражната постапка, врз основа на обезбедените докази, е утврдено постоење на основано сомнение за наведеното кривично дело, па од тие причини обвинителството ја отвори истражната постапка за тоа кривично дело.

Во текот на истрагата ќе бидат испитани осомничените, оштетените, како и повеќе сведоци. Исто така, во текот на истрагата ќе се прибави и судско-медицинско вештачење за видот и карактерот на повредите кај оштетените.

Врз основа на сите тие обезбедени докази, надлежниот јавен обвинител ќе одлучи за натамошниот тек на постапката, во смисла на правилно утврдена фактичка состојба и правилна примена на Кривичниот законик.

Основното јавно обвинителство Скопје до судија на претходна постапка достави Предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени, но од судијата предлогот не беше прифатен и со решение на едното осомничено лице му беше изречена мерка куќен притвор, а на другото – мерки на претпазливост. Против овие решенија Основното јавно обвинителство Скопје поднесе жалби до Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 Скопје, а одлуките по тие жалби се уште не се пристигнати во обвинителството.

#соопштение Јавно обвинителство