Бојан Јовановски и пратеничката Фросина Ременски денеска се на обвинителна клупа бидејќи во Кривичниот суд ќе стартува судењето за „Меѓународен сојуз“.

Фросина Ременски утрово побарала изземање на обвинителката Вилма Рускоска поради сомнеж за пристрасност. Поради тоа постапката е прекината.

Првообвинет во случајот е Бојан Јовановски, а обвинети се и неговиот татко, Миле Јовановски, Јасна Мандиќ, Христина Блажевска, како и пратеничката Ременски.

Како што неодамна соопшти Јавното обвинителство, со дејствијата опишани во обвинението за кривичното дело „измама“ се товарат првоосомничениот, а три лица се обвинети за помагање во извршувањето на истото кривично дело, воедно за кривичното дело „измама“ е обвинето и правното лице. Првообвинетиот се товари и за кривично дело „перење пари и други приноси“, при што три лица се обвинети дека му помогнале во извршувањето на ова кривично дело.

Според обвинителството, обвинетите ги измамиле бизнисмените Силјан Мицески и Ардијан Амзоски, дека ќе учествуваат во проект за изградба на старечки домови, за што вкупно искеширале над 1 милион евра.