ФОТО: Судијата Шабани со потпис на Талат Џафери бил известен за отсуството на Димовски, зошто се закани со полиција не е јасно

Македонското Собрание со допис потпишан од претседателот Талат Џафери, а и пратеникот Илија Димовски лично, го известиле судијата Осман Шабани дека Димовски поради службени обврски нема да може да присуствува на судењето за предметот „Талир“ кое вчера беше одложено за 13 декември, дознава Плусинфо.

Тоа ни го потврди и пратеникот Димовски кого го исконтактиравме додека престојува во Стразбур. Тој вчера, како шеф на македонската делегација додека судијата Шабани го прозиваше за неодговорност, имаше средба во Сенатот на Француската Република со Кристијан Камбон, претседател на Комисијата за надворешни работи, одбрана и вооружени сили на Сенатот, со Филип Ереира, генерален директор за политички и безбедносни прашања во француското МНР како и со други високи претставници на француската држава.

– Изненаден сум од реакцијата на судијата Осман Шабани, бидејќи тој е навремено известен за моите службени обврски. Прво, има добиено допис од страна на Собранието на Република Македонија со кој е известен за моите активности, како шеф на македонската делегација во ПС на НАТО овие неколку денови. Второ, тој допис судијата сам го прочита во целост на претходно рочиште, што значи дека е целосно информиран за неговата содржина. Трето, секогаш, а и во овој случај е усно информиран и консултиран од моја страна за вакви прашања. Не би сакал да ги коментирам аналогиите со верски и слични коментари, оставам дека тоа е само несреќна и ненамерна грешка на судијата – вели пратеникот Димовски во изјава за Плусинфо.

Претседателот на македонскиот парламент Талат Џафери, во известувањето до судијата Шабани навел дека станува збор за „сериозни собраниски должности на пратеникот  Димовски и многу важни средби, на кои можат да присуствуваат само членки на Парламентарното собрание на НАТО и НАТО“.

Оттаму е нејасна реакцијата на судијата Шабани кој мошне нервозно реагираше на одлагањето на вчерашното рочиште на „Талир“, обвинувајќи го пратеникот за неодговорност. Шабани дури се закани дека нема повеќе да толерира такво однесување, иако уредно и совреме бил известен дека Димовски нема да биде во земјава поради службени обврски на денот на рочиштето. Тој јавно го опомена пратеникот порачувајќи му, како што рече, „никогаш во живот веќе да не се осмелил, Илија Димовски, нека заборави одлагање.

– Не НАТО, не ЕУ, не СВ. Апостол Павле да го бара, во иднина нема, ова е неодговорно – рече судијата Шабани.

Собранието известувањето дека пратеникот ќе биде отсутен од 3 до 7 ноември до судот го испратило на 28 октомври, а тоа го потврди и судијата кој рече дека со поднесок од 24 октомври од Талат Џафери, Димовски го известил судот дека не може да присуствува на судењето. Тоа известување било испратено една недела пред да се одржи судењето.

(К.М.)


Total
0
Shares
Поврзани објави