Предлог-законот за Јавно обвинителство денеска е на дневен ред на седницата во Собранието. Според владиниот Предлог-закон, Специјалното јавно обвинителство (СЈО) треба да се спои со Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и да се вика Обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција, а на чие чело ќе стои шефот на ова обвинителство. Во моментов таму е шеф обвинителката Вилма Русковска. Притоа, обвинителите кои сè уште работат во СЈО треба да продолжат со својата работа, додека за истражителите предложени се две опции, или да се префрлат во Јавното обвинителство или да се вратат во МВР од каде што се дојдени и потоа да се формира истражен центар во Јавното обвинителство.

Вчера министерката Рената Дескоска појасни дека со оглед на тоа што новиот закон предвидува двете обвинителства – за организиран криминал и СЈО се спојуваат, логично е дека сите обвинители чиј мандат трае и сите вработени од двете обвинителства да преминат во новото обвинителство. Според Дескоска, Специјалната обвинителка Катица Јанева, која е во притвор како осомничена во случајот „Рекет“,  не влегува во тој пакет, бидејќи нејзе мандатот ѝ истекува на 15 септември.

Додека трае седницата Совет на јавни обвинители ќе расправа токму за Катица Јанева и нејзината судбина како шеф на Специјалното јавно обвинителство. Јанева пред да биде спорведена во притвор дента кога првооосмничениот Боки 13 беше упасен, си даде оставка која пак не е архивирана во Советот пред кого даде заклетва како шеф на СЈО. Седницата ќе биде затворена поради презентирање на материјали кои се дел од предметот Рекет. Во Советот се поделени дали може или не да се постави вд шеф на СЈО.