Сопственикот на кавадаречката компанија „Урбан инвест“, Јован Грков, тврди дека лично Миле Јанакиески и Кирил Божиновски му наредувале да даде 15 илјади евра за ВМРО-ДПМНЕ.

На денешното сведочење во случајот за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ и перење пет милиони евра, Грков рече дека посредник на средбата во Владата бил претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ – Центар,.

„Во посоченото време отидов, ми кажаа пред која канцеларија. Почекав, ме викнаа Миле Јанакиески и Кирил Божиновски. Состанокот траеше кратко, ми рекоа дека имам обврска да дадам 15 000 евра и да му ги предадам на Марјан. Не ми кажаа зошто треба да ги дадам парите. По неколку дена, му ги дадов тие 15 000 евра на Марјан. Му ги дадов на рака. Потврда, документ не добив за парите што ги дадов“, одговари Грков на директното прашање на обвинителката Ристоска дали некој од него побарал пари.

Тој не се спротивставил на барањето оти знаел дека мора да го исполни тоа.

Во случајот „Талир“ како осомничени за злоупотреба на службената положба и овластување и за перење пари се Никола Груевски, кој е во бегство и Кирил Божиновски и Миле Јанакиески.