Видео: Роверот „Истрајност“ успешно слета на Марс во потрага по живот

Научниот ровер „Истрајност“ (Perseverance) на НАСА, најнапредната астробиолошка лабораторија во историјата испратена на друга планета, се пробил низ атмосферата на Марс и успешно слетал на дното на еден кратер, потврдија од американската вселенска агенција. На таа локација ќе биде и првата станица на која роверот ќе ја започне својата мисија, да бара докази за постоење на живот на Црвената планета.

Предводниците на мисијата во НАСА упатија громогласен аплаус откако радио брановите потврдиле дека роверот со шест тркала успеал да го преживее опасното приземјување и дека успеал да стигне до планираното место за неговата мисија – кратерот Језеро, место каде се смета дека порано постоело езеро на Марс.

Роботското возило патуваше до неговата дестинација седум месеци, поминувајќи 472 милиони километри пред да ја пробие атмосферата на Марс со брзина од 19.000 километри на час и со помош на падобран успешно да се приземји.

„Ова е неверојатно достигнување. Не можам да ви објаснам колку многу емоции имав“, изјавил директорот на НАСА, Стив Јурцук.

„Ова навистина е почеток на нова ера“, изјавил администраторот за наука на НАСА, Томас Зурбукен.

Приземјувањето претставуваше најризичниот дел од двогодишниот проект вреден 2,7 милијарди долари, чија првична цел беше да се најдат можни фосилизирани остатоци од микроби кои можеби постоеле на Марс пред околу 3 милијарди години, кога четвртата планета од сонцето била далеку потопла, повлажна и имала услови да развива живот.

„Истрајност“ со себе има разни инструменти дизајнирани да ги анализира камењата за био-знаци, хемиски знаци на живот, а истовремено ќе складира примероци од површината на планетата. Следни мисии од САД и Европа треба овие примероци потоа да ги вратат на Земјата.

Веќе се планирани две следни мисии кон Марс за оваа намена во следната деценија.

Научниците на НАСА ја опишуваат „Истрајност“ како најамбициозната од 20-те американски мисии досега на Марс, кои започнаа уште од 1965 година со прелетувањето на Црвената планета при вселенската мисија „Маринер“.

Total
0
Shares
Поврзани објави