Сите 1.300 лица кои се наоѓале на крузерот, чијшто мотор откажа вчера недалеку од западниот брег на Норвешка, биле спасени, соопштија властите во Норвешка.

Eдинаесет лица се повредени, пренесе „Би-би-си“, повикувајќи се на „НРК“.

На крузерот „Викинг скај“, најголем дел од патниците биле Британци и Американци.

Еден од луѓето кои биле евакуирани со хеликоптер, Џон Кури, раскажа за локалните медиуми што се случувало.

„Ручавме кога бродот почна да се тресе. Прозорците се скршија и водата почна да влегува внатре. Беше хаотично. Што се однесува на возењето со хеликоптерот, подобро да заборавам. Не беше забавно“, раскажа тој.

Во спасувачката акција учествувале неколку спасувачки бродови во текот на цела ноќ, а еден од бродовите имал проблеми со моторот, па двата хеликоптери биле пренасочени на спасување на екипажот и од тој брод.

Норвешкиот метеоролошки институт соопшти дека временските услови биле непогодни, а брановите достигнувале висина до 10 метри.

По откажувањето на моторот на крузерот, почнала драматичната спасувачка операција. Повикот за помош бил испратен вчера во попладневните часови. Националната служба за спасување соопшти дека крузерот успеал да се усидри, покрај силниот ветер и големите бранови.