Додека практично целиот свет го оплакува легендарниот Диего Армандо Марадона, од само еден човек на планетава се крие неговата смрт.

Марадона почина во својот дом на 60-годишна возраст, како последица на срцев удар откако пред две недели имаше и операција на мозокот.

А, врвот на својата слава Аргентинецот го имаше на СП 1986 кога со Аргентина стигна до светската круна. Гаучосите тогаш од клупата ги предводеше Карлос Биљардо.

Токму Биљардо е единствената личност во светот од кого се уште се крие смртта на Марадона.

„На Карлос веднаш му го изгаснавме и телевизорот затоа што на тие години сега главно седи пред ТВ. Не сакаме да дознае за смртта на Диего затоа што тоа веднаш ќе го скрши. Многу го сака и доколку го дознае тоа нема да издржи ниту еден ден повеќе“ – вели братот на Карлос, Хорхе Биљардо, и дополнува:

„Диего за Карлос беше како син кој никогаш не го имал. Многу пати во животот се заложи за него, го водеше секаде каде што работеше. Секогаш стоеше зад него за се“.

82-годишниот Карлос Биљардо беше и првиот селектор на Аргентина кој на Марадона му ја додели капитенската лента на репрезентацијата.

извор: Ekipa.mk