Притворена нобеловката за мир Аунг Сан Су Кји

Војската на Мјанмар ја презеде власта во државата откако утрово ги привела фактичката лидерка Аунг Сан Су Кји и други политичари. Таа во исто време воведе вонредна состојба, што ќе биде на сила една година.

Пучот следува откако се зголемија тензиите помеѓу владата и војската, која ги оспори резултатите од последните парламентарни избори. Мјанмар, порано познат како Бурма, беше под воена власт до 2011 година, кога почнаа демократските реформи. Власта ја презеде шефот на армијата Мин Аунг Хлаинг поради, како што беше кажано, изборна измама.

На изборите во ноември, партијата на нобеловката Су Кји, Национална лига за демократија, освои доволно места во парламентот за да формира влада. Тоа беа само втори избори во земјата од крајот на воениот режим.

Засега нема доволно информации што се случува во земјата поради прекинот на интернетски и некои телефонски врски во поголемите градови, а и државната телевизија објави дека има технички проблеми.

Аунг Сан Су Кји беше во притвор од 1989 до 2010 година и во меѓувреме доби Нобелова награда за мир. Нејзината партија убедливо победи на изборите во 2015 и иако уставот не ѝ дозволуваше да биде претседател, таа важеше за фактички лидер во земјата.

Total
0
Shares
Поврзани објави