На 9 години била курирка во НОБ, а денес има 86 години и живее во Битола

Таа имала само девет години, а тој 11 кога станале курири и пробивајќи се низ непријателските патроли, што би се рекло пред носот на бугарските и германските агенти, пренесувале писма меѓу партизаните. Бисерка и Ристо Давчеви за време на Втората светска војна кога учествувале во отпорот биле деца, а денес имаат таа 86 години, тој 90 години и горди се на тоа што придонесле за слободата на Македонија.

Братот и сестрата Давчеви се од Велес, но Бисерка се омажила во Битола, тука основала семејство и денес е пензионерка која живеа заедно со нејзината ќерка Марија Балтова. Потешко се движи, но меморијата одлично ја служи.

„Имав само девет години кога од населбата Црна Џамија во Велес, во попладневните часови бев испратена од партизанката Вера Ацева, подоцна прогласена и за народен херој, а која се криеше во нашата семејна куќа, да однесам писмо кај Киро Попадичето, инаку копчар во Велес. Ме опомена да не бидам забележана од никој друг што правам. Според договореното, кога отидов кај него, почнав да пребарувам по копчињата, а тој ме праша какви сакам да ми одбере, па го зеде внимателно писмото. Кога се вратив дома Вера ме пофали со зборовите ‘Браво Бисерка, заврши голема работа’, а јас пак бев пресреќна, иако мала, знаев дека правам нешто убаво за татковината“, раскажува за Апла.мк Бисерка Давчева, поточно Дамевска по презимето на споругот.

За храброста на братот и сестрата е напишан дури и текст кој беше објавуван пред повеќе години во книгата „Цветови во пламен“ со текстови наменети на Народноослободителната борба. Братот и сестрата секој ден ги чекале нови задачи. 

„Иако беше есенско време, околу 21 часот ноќе го чекав Киро Попадичето за да му пренесам порака. Вера Ацева пак, во доцните саати отиде во црвата Св. Спас каде цела ноќ се пишуваа на машини летоци и некои наредби. Таму за првпат ја виде и сликата на Тито. По враќање од црквата, спиевме во иста просторија со Вера Ацева, кај нас дома. Цела вечер ми раскажуваше за Тито и револуцијата.  Брат ми, пак, во тоа време пренесуваше бомби преку Стариот мост во Велес“, се присетува Бисерка.

Нивната куќа била на крајот од Велес и станала најтајно скривалиште каде се засолнувале партизаните. Кај нив се криеле Вера Ацева, Лазо Хаџипоповски, Страшо Пинџур, Мирче Ацев и други.

„Во тие најстрашни години кога насекаде владееше терор, кога бугарскиот и германскиот окупатор се држеше под око, ние успевавме да ги пренесеме пораките“, додава Бисерка.

Во отпорот биле вклучени и нивните родители. Благодарение на храброста и снаодливоста на ова семејство врската меѓу илегалците од Велес и организацијата од Скопје и Штип работела непречено, брзо и точно.

сторијата е сопственост на порталот : Apla.mk

Total
0
Shares
Поврзани објави