Македонецот Горанчо Георгиев  е во кома од март 2016 година кога бил нападнат и тепан од двајца Романци. Деновиве тие се осудени. Судот во Асти, Италија им изрече по осум години затвор за обид за убиство на Георгиев.   Во тепањето бил повреден и неговиот сонародник, Тони Фиданчо, кој имал повреди на главата и скршена бутна коска.

Тепачката се случила во местото Кастиљоне Тинела во провинцијата Кунео на 28 март 2016, понеделникот на ден Велигден. Тогаш дошло до расправија меѓу браќата и двајцата Македонци околу користење на заеднички простор пред една од зградите. Романците сметале дека нашинците го узурпирале просторот па повикале полиција. Откако си заминале карабиниерите дошло до тепачка во која браќата со шипки ги претепале Фиданчо и Георгиев, пред очите на трите деца на Горанчо.

Тие од терасата ја гледале целата тепачка, па 11 годишниот син, кој ги чувал двете седумгодишни близначки, ѝ испратил смс порака на мајка си, која само што заминала со автомобил да ја земе постарата ќерка. „Мамо дојди, го тепаат тато“, напишал синот на Горанчо.

За време на судењето  во судот биле прикажани и фотографии снимени од терасата на Георгиеви на кои се гледа како во дворот еден од обвинетите ја мие крвта од претепаните .

Јавниот обвинител барал казна од десет години за браќата Адријан и Валентин Бетеа, но судијата Федерико Бели им одреди помала казна. Третиот од браќата, Алин Флорин доби една година затвор поради учество во тепачка.

Гончо, кој бил поранешен професионален војник, а работел како земјоделец во локална задруга, е во кома по инцидентот. Тој вегетира и се одржува во живот во специјална болница во местото Марене. Адвокатите на Романците тврделе дека повредата на главата поради која Горанчо е во таква состојба настанала откако лошо паднал на земја по добиен удар.