Ловџии ловат дивеч со петарди и предизвикуваат пожари

Несовесни ловџии ловат диви животни со помош на петарди и предизвикуваат пожари. За вакво неодговорно однесување на поединци проговори Петко Ристовски од „Македонски шуми“, кој триесет години работи на справување со шумски пожари. На координативниот состанок за анализа на рекордно зголемениот број пожари во Кавадаречко и Росоманско во овој период од годината, споредено со другите години, а на кој присуствуваше и МИА, тој беше дециден дека во 98 проценти од случаите пожарите се предизвикани од човечки фактор.

Минатата година имавме два шумски пожара предизвикани од ловци. Знаете, во ловот има две групи луѓе, тие што го гонат дивечот и други што го чекаат на одредени места, за да го застрелаат. Е, меѓу тие првите има непромислени поединци, кои за да не викаат и да не урлаат по дивите животни, потпалуваат петарди и така ги насочуваат нив кон пушките. Од искра при палењето на петардата, при сув горлив материјал и изобилство од кислород, доаѓа до пожар. Не сме против тој спорт, но апелираме до неодговорните ловџии во иднина да бидат посовесни, рече Ристовски, нагласувајќи дека поради невнимателност, шума што растела сто години може да исчезне за многу кусо време.

Командирот на Територијалната противпожарна единица, Александар Чадамов, соопшти дека во 2017 година имало 228 пожари, лани 273, а годинава досега има 133 интервенции. До 10 март преклани имало 64, минатата година 50, а сега 133 пожари. Речиси за три пати е зголемен бројот на интервенции во Кавадарци и Росоман.

Мора да се преземаат превентивни мерки, оти навистина бројката е многу голема. На линија сме со други командири од противпожарни единици и, за жал, ова во цела држава се случува, не е само кај нас. Во јануари имавме два пожара на отворено и 35 на објекти, претежно оџаци. Во февруари 22 на отворено, а 28 на објекти, а во март 24 на отворено само за 10 дена. Загрижува фактот што лани немаше пожари или имаше значително помалку од претходните години, па тревата е значително поголема и многу посува. Штетата би била многу поголема во случај на пожари. Постарите пожарникари со искуство велат дека вакви бројки немало во овој период од годината, нагласи Чадамов.

Извор: aperkat.mk

 

 

Total
0
Shares
Поврзани објави