Контроверзниот закон за забрана на абортус во Полска официјално стапи на сила

Законот за забрана на абортус во речиси сите услови официјално стапи на сила во Полска откако конзервативната десничарска влада соопшти дека одлуката е објавена во Службен весник во средата.

Контроверзниот закон беше донесен во првата фаза во октомври 2020 година, но неговото конечно усвојување беше одложено поради масовните протести на незадоволните граѓани ширум Полска кои не беа за усвојување на овој закон.

Протестите против забраната за абортус траеја со денови, а организацијата „Штрајк Кобиет“ сè уште одржува мали протести во Варшава и другите полски градови.

Откако беше одложено конечното усвојување на законот, во среда, 27 јануари, десничарската влада на Полска објави на својот официјален профил на Твитер дека законот ќе биде усвоен по објавувањето во Службен весник.

„Уставниот суд презентираше писмено образложение на законот што штити живот. Во согласност со уставот, законот ќе биде објавен во Службен весник во среда“, напиша владата.

Да потсетиме, Уставниот суд на Полска, кој е под контрола на владејачката конзервативна партија „Правда и закон“, донесе одлука за забрана за абортус во Полска во скоро сите случаи.

Според новиот закон, жените во Полска ќе имаат право на абортус само во два случаи, ако животот на мајката е во опасност или бременоста е резултат на силување. Претходната одлука за дозволување абортус во случај на оштетување на фетусот е отфрлена од новиот закон.

Полска има донесено слични закони за прашањето за абортус неколку пати низ историјата, а според официјалните податоци кога станува збор за Европската Унија, Полска има убедливо најригорозни закони од ваков вид.

Поради неможноста да се извршат абортуси во болниците и поради манипулација со податоци, жените во Полска се повеќе се одлучуваат за нелегални абортуси, а има повеќе од 200.000 вакви случаи за една година.

Откако официјално стапи на сила законот за абортус, незадоволните граѓани најавија нови протести кои веќе беа одржани во средата пред просториите на владејачката партија, а треба да продолжат во наредните денови на улиците на полските градови.

Total
0
Shares
Поврзани објави