Велика Британија ја напушти Европската унија – 47 години откако стана членка и 1.317 денови по референдумот. Знамиња на таа држава веќе нема на европските институции.

За премиерот Борис Џонсон тоа значи „промена” и „зора на нова ера”. Тој сака да ја обедини државата по годините на поделби поради брегзит.

– Ова не е крај, туку почеток, нагласи конзервативниот лидер во своето обраќање пред нацијата вечерва во 11 часот по средноевропско време, на еден час пред историското напуштање на Велика Британија – првата земја што ја напушта Унијата.

– Ова е време кога … се крева завеса пред нов  чин, се наведува во делови од вечерашниот говор што го објави Кабинетот на Џонсон.

– Ова е момент на вистинско национално обновување и промена.

Џонсон исто така сака да ги остави зад себе поделбите што ги разединуваат Британците по референдумот во 2016 година, на кој 52 процента гласаа за Брегзит.

———————————————————————————————————-

– Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека и покрај тоа што Париз сака да одржи цврски односи со Лондон по Брегзит, Велика Британија не може да очекува дека ќе биде третирана на ист начин како и кога беше дел од ЕУ.

– Не можете да бидете и внатре и надвор. Британскиот народ избра да ја напушти Европската унија. Нема да имате исти обврски, но нема да имате ниту исти права, истакна синоќа Макрон во телевизиското обраќање до нацијата по повод излезот на Велика Британија од Унијата.

Тој нагласи дека во идните преговори околу односите на Британија и ЕУ ќе ги штити интересите на француските работници, рибари и земјоделци.

– И во тие преговори ќе бидеме сложни, ние сите 27 членки, нагласи францускиот претседател.

Макрон го нарече Брегзит „шок” и „историски алармен сигнал”, кој треба да ја принуди ЕУ да се поправи.

Тој повика на воспоставување „појасен европски проект”, кој ќе биде поедноставен за граѓаните на ЕУ.

– Ова е тажен ден, тоа не можеме да го скриеме, но исто така и ден кој треба да не наведе да работиме поинаку, порача Макрон.