Директорката на кумановската болница експресно ја демантира видео сторијата – Жена живее во агонија, со отворена рана и мозочен удар ја лазат муви – хорор во Кумановската болница

По објавувањето на видео сторијата за Илинка Арсовска, пациент во болницата во Куманово попладнево писмо -демант испрати ВД Директорката Снежана Захариева кое го пренесуваме во целост:

Почитувани,
Чувствувам морална одговорност на обвинувањата дека пациентката Илинка Арсовска доживува агонија во болницата во Куманово.
Многу невистини и лажни наводи кои ја девалвираат нашата работа и нашите заложби да пружиме максимум со она со кое располагаме како јавна здравствена установа.

Како прво, итни случаи не носиме со такси! Пациентката е однесена со амбулантно возило и медицинска екипа на Клиниката за неврохирургија со масивно мозочно крварење како резултат на малигна хипертензија, каде што е успешно оперирана. Била на оддел за интензивно лекување, на респиратор, а потоа откако состојбата се подобрила е направен обид за нејзина рехабилитација.
Според зборовите на сопругот, заради епидемија на морбили не е однесена на рехабилитација и е задржана на Клиниката за рехабилитација до пред пет дена кога е префрлена во Кумановската болница. Пациентката прима терапија кај нас по препорака на неврохирург, а препорачано е од 01.07.2019 лекувањето да го продолжи во Заводот за рехабилитација во Козле. Да, донесена е со декубит, но лежела три месеци неподвижна. Секојдневно и правиме преврски, ја гледа специјалист физијатар и во рамки на наши можности како општа болница добива третман од нашите физиотерапевти. Лежи сама во климатизирана соба, на чиста постелнина, облечена во чиста пижама. После преврските може да се случи да има некоја капка бетадин на постелнината, но пациентката не е ни гладна, ни запоставена, ниту во агонија! Пациентката разговара со дежурниот лекар, одговара на прашања, и јас искрено се надевам дека по рехабилитацијата ќе закрепне уште повеќе.
Разбирам дека на семејството му е тешко и дека имаат и други проблеми, но ние дефинитвно не можеме да дадеме посебна медицинска сестра и болничар само за оваа пациентка. Впрочем, повеќето пациенти на овој оддел се во слична состојба, неподвижни и зависни од туѓа помош. Претпоставувам дека сликите и информациите потекнуваат од некој близок кој се обидува на ваков начин пациентката да се префрли во Козле. За тоа нема потреба, секако ќе ја испратиме во Заводот за рехабилитација кога ќе заврши со терапијата препишана од неврохирургот, на 1ви јули. Станува збор за млада жена на која животот и дал втора шанса, каде што ние како медицински лица сме помогнале во тоа.
Со почит,
Снежана Захариева, В.Д. Директор на Општа болница Куманово
Total
0
Shares
Поврзани објави