Денеска, кога го одбележуваме Меѓународниот ден на елиминирање на насилството врз жените,  треба да се потсетиме дека секоја трета жена во светот искусила некаква форма на насилство , а според податоците на Обединетите Нации, семејното насилство е убиец број еден на жените.  Наместо жената да биде и да се чуствува безбедна во домот, понекогаш најголемата опасност за неа доаѓа токму оттаму, реагираат од Хелсиншкиот комитет.

Во нашата земја, само во првите 9 месеци од 2019 година, пријавени се 709 кривични дела од областа на семејното насилство, од кои, 610 биле  жени жртви  Може да заклучиме дека семејното насилство и насилството врз жени несразмерно повеќе ги погодува жените, токму поради тоа што се жени.

Земајќи предвид дека истражувањето на ОБСЕ покажува дека „само 2% од жените кои доживеале насилство од сегашен партнер, го пријавиле во полиција “ зборува дека бројката на жени кои трпат насилство е многу повисока од официјалните статистики.

Исто така, загрижувачки е трендот на прифаќање на насилството во земјата. Истражувањето на ОБСЕ открива дека  “три од пет (60%) жени сметаат дека насилството врз жените е вообичаено, а речиси три од десет сметаат дека тоа е многу честа појава.“ За да се победат овие поразителни бројки, мора да работат заеднички сите актери во општеството: институциите, граѓанските организации, медиумите како и секој граѓанин.  Насилството врз жени не е приватна работа, тоа  е општествена појава која треба да се искорени.

-За поздрав е иницијативата за подготовка на нов Закон против насилство врз жени и семејно насилство кој ги следи одредбите на Истанбулската конвенција, а кој беше изготвен во процес на консултација со граѓанскиот сектор. Новиот нацрт – Закон препознава и санкционира и нови форми на насилство врз жени, дефинирани и во Истанбулската конвенција.  Но, потребно е негово побрзо усвојување, за да се започне со обезбедување сеопфатни сервиси до жртвите. Насилството врз жените и семејното насилство ја ограничува жената да учествува во економскиот и општествениот живот, предизвикува депресија, чуство на немоќ и безизлезност, а и е грубо кршење на нејзините основни човекови права. Оттаму, сите треба да дејствуваме заедно за да се искорени оваа деструктивна појава во нашето општество, велат од Хелсиншкиот комитет.