Четири часа по полноќ, заврши втората трансплантација на срце во историјата на Македонија. Кај младо момче, во дваесетите години, кое подолго време чекало донор, зачука ново срце, благодарение на тимот од Клиниката за кардиохирургија.

Донорот е 20-годишна девојка, Верица од Берово, која починала во сообраќајна несреќа, а нејзиното семејство, како што вчера изјави министерот за здравство Венко Филипче, се согласило да ги донира нејзините органи. Девојчето било прегазено на улица а во болница била донесена со проширени зеници и хематоми но во кома.

„Денеска, за жал, кај нас има млада почината пациентка, има согласност за донација на органи од семејството и сега се прават проверки и во однос ХЛА типизацијата за тоа дали може да се направи трансплантација и на срцето и на бубрезите. Ако се најдат соодветни реципиенти во текот на денешниот ден се ќе се заврши“, изјави вчера Филипче.

По многубројните напори да се најде лице кое ќе може да го прифати срцето од починатиот донор, сложената процедура беше започната и истата траеше неколку часа. Срцето кај младото момче почнало да чука пред 4 часот утринава.

Два бубрега се чека да бидат трансплантирани кај пациенти кои долги години биле на дијализа. Во понеделник, се очекува постар човек, чичко Коле, да добие шанса да живее нормално, откако коската со метастази ќе биде заменета со здрава коска.

Tрансплантацијата беше извршена од тим на тројца кардиохирурзи под водство на проф. д-р. Сашко Јовев од државната кардиохирургија, акад. д-р. Жан Митрев од „Жан Митрев Клиника“, проф. д-р. Александар Николиќ од болницата „Аиџибадем Систина“ и анестезиологот д-р. Маја Мојсова од Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, која воедно е и Национален координатор за трансплантација.

фото – дел од тимот и дежурната екипа пред операцијата