Станува збор за еднo од најдраматичните срцеви заболувања во детската возраст. Од комплетно здраво дете, со никакви претходни здравствени проблеми, бактерија го напаѓа срцето и му прави комплетна деструкција. Од исклучителна важност се итната реакција и навременото откривање на симптомите – висока температура, треска, слабост и отежнато дишење.

Четиригодишниот Хамза неколку денови имал треска проследена со висока телесна температура. Тој бил примен на Клиника каде три дена бил хоспитализиран и пуштен на домашно лекување. Но, по два дена треската и температурата повторно се јавиле. Откако повторно бил хоспитализиран, кај него бил дијагностициран шум на срцето. По направеното ехо му била откриена „најмалигната“ болест на срцето – ендокардит.

Хамза е успешно опериран во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ од страна на детскиот кардиохирург д-р Владимир Чадиковски и неговиот тим. Оперативниот зафат траел околу 5 часа. За време на интервенцијата, работата на срцето на малиот Хамза морала да се стопира околу еден час, а тој да биде ставен во хипотермија за да се заштити неговиот мозок. Една недела пред операцијата Хамза морал да биде на силна антибиотска терапија и соодветни испитувања (компјутеризирана ангиографија).

„Стресот кај овие оперативни зафати на срцето е интраоперативен, каде ткивото е екстремно оштетено и неквалитетно за манипулација и ако тие вегетации се откачат директно одат во мозокот и имате фатални последици. Детето се стави на екстракорпорална циркулација и се доведе во хипотермија од 28 степени за да се заштити мозокот. Се сопре срцето околу 60/70 минути, при што се направија реконструкции на валвулите и се затвори отворот со материјал од самото дете. Многу ми е драго што сè помина во најдобар ред и сега имаме здраво дете“, потенцира д-р Чадиковски.

Хамза, како што тврди неговата мајка, претходно немал никакви срцеви мани. По операцијата успешно закрепнува и, за среќа, ендокридитотот му бил откриен навреме. Наговата мајка Букрие и д-р Чадиковски ги советуваат сите родители доколку се појави висока темепратура, треска или отежнато дишење, особено во актуелната состојба со коронавирусот, кој е придружен со слични симптоми, да не губат време и веднаш да се јават на кардиолог, бидејќи може да станува збор токму за ендокардит.

AcibademSistina Cadikovski storija

Д-р Чадиковски вели дека ендокардитот е најмалигната болест во кардиоваскуларниот систем. Бактерискиот ендокардит почесто се јавува кај возрасни луѓе отколку кај деца, но и кај двете популации може да предизвика сериозни здравствени проблеми. Доколку не биде откриен навреме, може да биде фатален.

„Се работи за едно од најдраматичните заболувања во детската возраст, кои не спаѓаат во вродени заболувања и секогаш го компарирам како да е малигна болест на срцето.  Од комплетно здраво дете, со никакви претходни здравствени проблеми, бактерија го напаѓа срцето и прави негова комплетна деструкција. Ние опериравме 4-годишно дете со такво заболување каде бактеријата предизвика огромно оштетување на срцето, и тоа комплетно оштетување на аортната валвула, вегетации од бактерии што се ‘населиле’, го пробиле ѕидот и преминале на десната страна правејќи отвор од 6/7 мм. Вегетации со бактерии имаше и на митралната валвула, која исто претрпе оштетувања. Веднаш по приемот пристапивме кон комплетно испитување на детето и подготовки пред да направиме оперативен зафат“, вели детскиот кадиохирург д-р Владимир Чадиковски.

Најчестите симптоми се висока температура, треска, ноќно потење, болки во мускулите и зглобовите, отежнато дишење и слабост. Педијатарот д-р Ведран Стојановиќ, кој е дел од тимот на д-р Чадиковски, појаснува дека појавата на некои од овие симптоми, пропратени со несекојдневен звук од градите, може да укажува на појава на срцев шум и веднаш треба да се направат сериозни испитувања.

AcibademSistina Cadikovski storija

“Бактерискиот ендокардитис е инфекција на ткивото на срцето(ендокардот) и на срцевите залистоци(валвули). Предизвикан е од разни типови бактерии кои преку крвта нагледуваат во срцето и предизвикуваат инфекција. Овие бактерии може да навлезат во крвта по одредени стоматолошки интервенции, хируршки интервенции, операции на крајници или бронхоскопија“, вели д-р Стојановиќ.

Најголем ризик од појава на ендокардитис се пациентите со вродени срцеви мани, но може да се појави кај секого, односно и кај луѓе со здрави срца, каков што бил случајот и со малиот Хамза.

AcibademSistina Cadikovski storija

„Хамза немаше никакви претходни здравствени проблеми или срцеви мани, често имаше покачена температура и треска, по што следуваше и отежнато дишење. Кога спиеше навечер можев да го слушнам свирежот од неговите гради“, раскажува неговата мајка.

Ендокардитот му бил дијагностициран по направениот рендген на белите дробови во „Аџибадем Систина“,  при што бил забележан огромен излив од десната страна на градниот кош. Хамза навремено и успешно бил опериран од детскиот кардиохирург д-р Владимир Чадиковски и неговиот тим. Хамза сега е здраво и среќно дете и се чувствува одлично.

Неговата мајка вели дека не постојат зборови со кои може да ја искаже благодарноста до д-р Чадиковски и неговиот тим, што го спасија нејзиниот син. Таа вели дека неколку месеци по операцијата Хамза со нетрпение ги чека редовните месечни контроли и дека многу го засакал целиот медицински тим. Четиригодишното дете сега е во добра општа состојба, нема температура, физички е активно и има добар пораст во телесната тежина.

Д-р Чадиковски посочува дека при вакво срцево заболување најважна е итната дијагностика, брзиот и агресивен третман што може да се добие во клиника како што е „Аџибадем Систина“, која располага со педијатриски центар кој може да ги покрие сите специјалности.

„И кај воздрасните ова заболување е екстремно тешко и смртоносно и мора итно да се  реагира, разликата оперативно е што кај возрасните ставате вештачки валвули, а кај децата морате да направите реконструкции на валвулите“, појаснува д-р Чадиковски.

текстот целосно е превземен од порталот на болницата acibademsistina.mk