Место со кловнови и детска забава како лани, Кире Доновски, специјалист по интерна медицина од Ресен, оваа година му го честиташе роденденот на својот седумгодишен син Александар со честитка испишана на хартија и со фотографија од Ковид-центарот на Универзитетската клиника за уво, грло и нос во Скопје. Доновски мораше да го помине роденденот раздвоен од синот и семејството зашто веќе еден месец лекува пациенти со тешка и средно тешка здравствена состојба на оваа клиника во Скопје. Ова му е веќе трета ротација во Скопје годинава.

И ние, лекарите, сме луѓе со фамилии, деца и родендени, но во моментов сме се откажале од многу задоволства со семејствата во име на здравјето на народот. Лани славевме во изнајмено кафуле, со кловнови, поканивме 50 деца. Годинава му го честитав роденденот телефонски, но сакав и со фотографија преку Фејсбук, симболично со колегите. Не ми е лесно што сум раздвоен од децата и сопругата, но таква ни е професијата. Додека сме здрави и имаме поддршка од фамилиите, мислам дека можеме да се бориме и работиме“, рече Доновски, кој е вработен во болницата во Отешево.

Тој е присутен во ковид-центрите на Клиниката од нивното отворање. Моментално лекуваат 42 пациенти со средна и тешка здравствена состојба. Згора на тоа, секој ден од 7 до 12 часот издвојува време телефонски да разговара со пациентите кои се со лесна клиничка слика и на домашно лекување. Вели, пациентите имаат мака, исплашени се за здравјето, па секоја консултација и совет се добредојдени.

На 12 декември ќе правам еден месец како не сум се видел со семејството. Работно сум ангажиран седум работни дена, па седум паузираме. За време на паузата стравувам да се вратам во Ресен, зашто и ние лекарите можеме да бидеме заразени, па да не однесеме нешто дома. Избегнувам јавен превоз и јавни собири, не пазарувам, освен на Клиниката и во хотелот каде што сме сместени. Никаде не излегувам за да не бидам јас фактор на ширење на инфекцијата“, додава докторот.

извор: СДК.МК