И по 115 години од Илинденското востание, а сѐ уште не се знае каде се крие знамето на Главниот штаб на Битолскиот револуционерен округ, кого го сочинувале Даме Груев, Анастас Лозанчев и Борис Сарафов, а на кого му биле пренесени сите овластувања за Илинденското востание.

Дел од македонските историчари претпоставуваат дека знамето љубоморно се чува во некое депо во Софија, Бугарија.

Во истражувањето на битолскиот историчар Никола Миновски објавено во публикацијата „Илинденски факел“ во 2003 година, знамето во Софија го однел Борис Сарафов кој во 1903 го напуштил окрвавеното боиште во Смилево и заминал преку Битолско и Леринско за Бугарија, а со себе го однел и знамето. Го развиорил на софиската железничка, а потоа се изгубил трагот.

И по толку време, досега не било изложувано како експонат во ни една музејска збирка. Има верзии дека можно е експонатот да завршил во некои приватни колекции кај источниот сосед, како и такви дека востаничко знаме стигнало дури во италијанските историски депоа. Знамето, за жал, ја доживеало судбината на многу вредни македонски експонати изнесени надвор од границата на државата на кои со векови не може да им се фати трагот и не се знае каде се чуваат.

„Додека везвеме сите тивко пеевме од срце, а понекогаш плачевме, но не од мака, но од блажен восхит“. Ова е само извадок од зачуваното сеќавање на познатата битолска учителка Фотинка Петрова-Тичето за кое во публикацијата пишува историларот Миновски. Освен неа везилки биле и Аспасија Димева-Јакимова, Анета Спирова-Олчева и Василка Стефанова-Христова. Освен ова знаме се смета за значајно за време на Илинден зашто го вее Главниот Штаб составен од Даме Груев, Анастас Лозначев и Борис Сарафов, а било и најголемо по димензии. Освен него, битолските учителски изработиле уште осум други револуционерни знаимња на некои од востаничките чети.

Темно- црвеното платно и копринените конци ги купиле со средства од скромните учителски пари. Еден наполен за да се набават потребните материјали дал и демирхисарскиот војвода Јордан Силјанов Пиперката. Везилките везеле деноноќно во зависност од слободните часови во куќа на извесен Нуне П. Димитров која постоела во близина на денешната Митрополија и во визбите на тогашната Бугарска гимназија, а денешно основно училиште „Кирил и Методија“ во Битола.

-Ги читав спомените на битолчанката Билјана Каранова, некаде ја пишува Трифунова по името на татко ѝ, познатиот општественик и револуционер, Трифун Каранов. Вели дека и таа учествувала во везењето на знамето. Имам податоци дека војводата Даме Груев, кога се вратил од затворот во Подрум кале во март 1903 година ја посетил неа – вели историчарот Никола Миновски.

Историските факти укажауваат на тоа дека планот за изгледот на знамето учителките го добиле токму од Груев. Но, нацртот бил изработен од матурантите на Битолската гимназија, ученици со ликовен талент, Арсениј Јовков и Драган Зографов.

-Иако занамето на Битолскиот револуционерен округ денес го немаме, според сеќавањата на учителката Тичето дознаваме дека на едната страна на горниот раб со големи букви стоело СЛОБОДА, во средината малку подолу во прва линија –СМРТ. Од другата страна пишувало со големи букви ХРАБРОСТ НАРОДЕ, БОГ Е СО НАС! Во средината бил извезен знакот на христијанската вера- крстот-објаснува Миновски.

Зборовите биле извезени со срма и коприна врз темно-црвената свила на знамето. Но, изработката воопшто не била едноставна, туку доста комплицирана зашто во секоја буква било преплетено името Втори Македонски Одрински револуционерен округ Битола, Прилеп, Охрид, Крушево, Кичево, Демир Хисар, Лерин, Костур.

Скоро идентичен опис на знамето дал и британскиот вице конзул од Битола, Џејмс Мек Грегор. Тој покрај подорбностите што ги запишал во своите извештаи за текот на востанието, напишал и дека амблемот на знамето бил изработен во Битола, дека било направно од темноцрвена материја со испишани пораки. Описите се разликуваат само по бројот на градови навезани на знамето. Тичето навела осум, а конзулот единаесет градови од Вилаетот.

Занемето било осветено на први август пред да запозчнат битките во една ливада над село Смилево. Тоа се веело за време на востанието во Смилево кое се дигнало на втори август 1903 година под водство на војводата Даме Груев, се ослободило селото и слободно се живеело до 27 август. Таму имало 600 востаници, но на крај неколку илјаден турски аскер го задушил востанието во крв. Селото било запалено, а загинале многу комити и цивилно население.

Според истражувањето објавено во „Илинденски факел“, Сарафов заминувајќи од самоволно го зел со себе востаничкото знаме. Понатаму пишува дека незадоволни од грабнувањето на знамето биле и другите двајца челнови на Главниот Штаб, Груев и Лозанчев, кои по писмен пат побарале Сарафов да го врати знамето во Македонија, зашто на него не му било местото во Софија.

-Неколку пати имам одено во Државниот музеј во Софија, но знамето не го видов, можно е да го чуваат во депоата. Некои работи за нас сѐ уште се тајна- додава историчарот Миновски.

Битолскиот истражувач Благојче Андонов успеал да дојде до две ретки фотографии за кои се претпоставува дека се толкму од смилевското знаме. На нив може да се види дека на материјалот е испишан слоганот „Слобода или смрт“, како и паролата „Дерзај народе Бог е со назе“ и амблемот христијанскиот крст. За жал, наместо да го гледаме знамето како експонат во некој наш музеј, ни остануваа само по некоја фотографиите да сведочат за неговото постоење.

извор: apla.mk