Фото: Преспанско Езеро исчезнува!

Фотографиите кои пристигнаа денес од брегот на Преспанско Езеро се страотни, водата ја снемува езерото се повлекува. Неколку години наназад ова езеро ја губи водата а за да се влезе внатре треба да се пешачи по тиња и кал. Ваквото повлекување е пред се поради климатските услови но и неуспешното менаџирање со водите.

Преспанското езеро е поврзано со Охридското езеро, преку него со реката Црн Дрим и Скадарското езеро кои достигаат до Јадранското море. Затоа управувањето со водите мора да биде планирано и имплементирано на регионално ниво, со активна вклученост на сите засегнати страни и граѓаните на сите држави. Плановите за управување со води на национално ниво се напишани но прекуграничната и регионална соработка за интегрирано управување на речниот басен слабо се одвива . Ова е и една од областите кои државата треба да ги исполни според ЕУ стандардите.

Прекуграничната соработка помеѓу трите држави кои ја споделуваат Преспа е започната пред 14 години со воспоставувањето на Прекуграничниот парк Преспа – првата прекугранично заштитена област во Балканот. Оваа иницијатива, која беше поздравена од меѓународната заедница како храбра и иновативна, е замрзната во последните неколку години поради одбивањето на Грчката држава да го ратификува меѓународниот договор кој го потпиша во 2010 година заедно со другите две држави и ЕУ. Иднината на прекуграничната соработка во Прекуграничниот парк Преспа сега е во рацете на локалните заинтересирани страни, како и на меѓународната заедница која има силен интерес во заштитата на природната средина на поголемиот речен басен.

Преспанско Езеро 04.01.2020

Повлекувањето и надоаѓањето на водата во Преспанското Езеро циклично се повторува во зависност од климатските промени. Научните истражувања што биле направени во рамки на проектот на НАТО „Одржливост на меѓународните води на Преспанското Езеро“ покажа дека водата од овој езерски басен преку понири и шуплини под Галичица се влева во Охридското Езеро. Меѓу двете езера има 150 метри висинска разлика што значи дека водата истекува кон Охридското Езеро.

УНЕСКО во 2014 година, го прогласи регионот „Охрид – Преспа“ за 14-ти Биосферен резерват во светот, кој ги опфаќа сливните подрачја на Охридското и Преспанското Езеро, со површина од 446.244 хектари.

Најмногу вода во Преспанското Езеро имало во 1960-те години. Тогаш се претпоставува дека езерото располагало со 5 милијарди кубни метри вода. По повлекувањето што следувало подоцна езерото стигна до 3,5 милијарди кубици вода.

И покрај сите студии и истржувања планови и програми Преспанско Езеро исчезнува !

К.М.

Total
0
Shares
Поврзани објави