(Фото)Батка со црн џип пресретнува велосипедисти на Водно и ги тепа

Скопјанецот Владо Ѓуровски, кој е велосипедист со десетина освоени медали и подиуми, синоќа на асфалтниот патот кон Средно Водно без причина бил физички нападнат од нервозен возач на џип. Како што раскажува Ѓуровски за Плусинфо, додека го управувал својот велосипед низ парк-шумата на Водно, патот одеднаш му бил пресечен од црн џип, а како што вели, возачот видно нервозен излегол од возилото и почнал да го удира и да го пцуе.

– Со години наназад, скоро секој ден возам велосипед до Средно Водно. Тоа ми е рутина. Но, вчера ми се случи нешто страшно. Одеднаш патот ми го пресече црн џип, а од него излезе крупен човек и ме нападна без причина. Покрај пцовките што ми ги упати, тој рече дека му пречеле велосипедистите кои постојано возат на тој пат. Ме фати за вратот и почна да ме удира. Ми ги искрши и очилата, a на телото имам видливи повреди и црвенило. Јас не му возвратив, туку го зедов мобилниот телефон и направив неколку фотографии од насилникот и од неговиот џип. Секако, го пријавив случајот во полиција и направен е записник – раскажува Ѓуровски за Плусинфо.Можеби ќе ве интересира

Тој апелира до надлежните да посветат поголемо внимание врз безбедноста на овој дел од Скопје, бидејќи, како што вели, во иднина би можело да се случи нешто многу пострашно.

– Опериран сум од лигаменти на рамото и имам шипка која буквално ми го држи рамото. Што ќе беше ако ме турнеше од велосипедот и ако паднев на асфалтот? Од друга страна, досега во мојот живот имам освоено десетина медали и подиуми во мастерс класа роуд бајкер. Каде ли да тренираат сега репрезентативците ако ги тепаат во парк-шумите? Мора да се стави крај на ова насилство и да се изнајде некакво решение. Зарем треба сега јас секој ден да се тресам од страв кога син ми оди да вози велосипед на Водно? – вели Ѓуровски.

На социјалните мрежи, пак, викендов постојано се споделуваат фотографии и сведоштва на велосипедисти кои се жалат од истиот тој насилник што го нападнал Ѓуровски. Како што може да се прочита во дел од коментарите, возачот се обидел да прегази група велосипедисти на Водно, но за среќа, никој не е повреден.

текстот е превземен од Plusinfo.mk

Total
0
Shares
Поврзани објави