Триесет и тригодишната Јана Арсовска боледува од адултен неуробластом, опасен малиген тумор, од кој заболува само еден во десет милиони. Се работи за агресивен канцер, кој после година дена повторно ѝ се врати.

По четири години борба и влечење по болници, на Јана ѝ е одбиена државна нега, додека сè уште ги очекува резултатите од биопсијата за тоа дали и по третпат ќе треба да се соочи со сè. Во продолжение нејзиното сведоштво….

хахаха многу интересна вест ме разбуди утрово, за неверување… имав поднесено документи за нега да земам од државава на следна основа, а и ми следува: 
2015- дијагностицирана со адултен неуробластом на 29 год. детска дијагноза, опасен малиген тумор за кого нема протокол официјален за возрасни. Примени 7 опасни хемотерапии + 10 дена строга изолација за MIBG терапија што во МК не постои + трансплантација на матични клетки (исклучително тежок период, месец дена изолација). Потоа следуваат контроли, но се работи за агресивен канцер и после година дена болеста ми се врати. Следува: 4 циклуси нови хемо + радиотерапија (и денес имам нус појави, ужасен дерматит / изгореници на десната нога, лимфен едем и со месеци одам со штаки) + втора трансплантација на матични клетки. Следен чекор се предлага имунотерапија, еден циклус чини околу 80 000 евра… + месеци во Германија, далеку од дома, од најблиските + панични напади + страв + пропуштам втора сезона да не ја работам поради нус појави кои не се воопшто наивни! И така, јас како човек со две трансплантации во година дена, неспособна за работа сеуште, што чекам резултати од биопсија во страв да не биде коскената срцевина уништена од ударно зрачење, МЕ ОДБИВААТ ЗА НЕГА! Мене, што 4 години од животов ги поминувам во болници. Не се жалам за тоа, таков пат ми одредил Бог и тој ќе ми даде сила за напред. Ќе водам јас уште многу тури, но сега, во овој момент за прв пат ВИСТИНСКИ чувствувам потреба да си заминам од тука. Македонијо,моја земјо прекрасна, те сакам бескрајно, но ако даде Бог ќе те напуштам. Амбициозна сум, зборам неколку странски јазици, вредна… само да оздравам и би сакала да заминам во некоја друга земја, можеби поправедна! Барем се надевам!!!
Ве сакам другарчиња, нека Бог ве чува сите, па и мене 

2015 – ми викаат од патологија, јавете се и ќе ви кажеме за резултатот кога ќе биде готов. 
Барам, никој не се јавува, не знам колку пати. Додека стигнав кај Проф. Басара, болеста проширена! 
2019 – правам биопсија на коскена срцевина и јасно ми е дека е тоа процес и треба време да се обработи и дека цела МК 
е во Скопје и чека резултати. И повторно барам на патологија да прашам отприлика кога би бил резултатот, дали е готов. Вртам два дена, никој
не се јавува. 
Следен чекор, се прашувам дали вртам погрешен број. Според мојата логика, би требало да постои некој што ќе одговара на тие телефони. Зошто?
Бидејќи да чекаш резултат што треба да каже дали си во ремисија и да се израдуваш најслатко на свет или не дај Боже да ти каже дека малигната клетка е 
присутна или уште полошо дека се појавил некој шести проблем од милион терапии, зрачења и слично, во дадениот момент е ужасна агонија. Просто кажано, не се чека 
одговор за дозвола за градба или естетска хирургија. Станува збор за човечки животи, некој има минута, некој година, некој десет години, а некој цел еден прекрасен живот. И дај Боже кај најголемиот број да е така, бидејки WE ARE THE CHAMPIONS, MY FRIEND! 
Хихихи, не дека утре ќе се случи чудо…, а можеби и ќе се случи 

🙂 , јас сум само пациент кој фала му на Бога е жив и се борам како лав и ќе се борам и ќе победам, само Бог нека ми дава сила и трпение. Но, луѓенца, здравството е број еден во една држава, барем треба да биде. Да се вложува во него, во докторите, специјализантите, медицинските сестри и сите оние кои го сочинуваат тој дел од општеството! Нека има повеќе лекови, повеќе насмевки, подобри услови…зошто ние сме тим, а само тимот може да победи! 
За една поздрава и посреќна нација 

Ве сакам и Ви посакувам убав ден!!!