Битолчанка моли за помош после операција со несакан исход: Животот ми виси на конец од заборавена газа, живеам со болки, а ме бркаат од болници

Tуѓо тело, за кое што битолчанката Виолета Толевска се сомнева дека е заборавена газа од операција што и била направена во 2018 година, кај неа предизвикува неподносливи болки но состојбата сериозно се влошува затоа што почнала да исплукува материјал, во форма на боцки кои исто така излегуваат од нејзината кожа.

Таа моли да се најде лекар во земјава што најпрво ќе ја згрижи, за да закрепне од анемијата, посинувањето на рацете и сите васкуларни компликации што ги има, додека не е предоцна. Животот на Толевска до 3 април 2018 година бил вообичаен. Како самохрана мајка, се грижела за својот опстанок со работа како негувателка во градинка. На лекар отишла зашто чувствувала болки кои што личеле на предменструални болки и имала цистит, меѓутоа лекарите пронашле дистандирано црево, па предложена била хируршка интервенција веднаш. Од тој ден кога се случила операцијата, Толевска тврди дека животот и е пекол, врви низ голгота и се плаши дека за неа нема кој да се заземе.

-Страв ми е дека поради ова, што јавно зборувам, ќе наидам на уште полош третман во здравствениот систем. Неколку дена пред операцијата имав предменструални болки и цистит. Отидов во болницата во Битола со здрав изглед, ама денеска сум пропадната, премногу слаба, имам изгубено на килограми, имам анемија, неподносливи болки. Крвната слика и сите испитувања пред операцијата беа добри, меѓутоа, ми кажаа дека виделе оти имам дистандирано црево и нешто во стомакот како мандарина. Се исплашив, со крстот на чело, легнав, ја прифатив операцијата. Откако заврши операцијата докторот рече дека ми извадил циста од некое од цревата. Меѓутоа, веднаш по операцијата имав големи болки но мислев дека е од резот. Мојата рана на десната страна е толку долга, што е од папокот до едната нога. Не се смируваа болките после операцијата, крварев и анално, и вагинално, толку ми беше страшна состојбата, што бев зелена после операцијата. Крварев, имав покачена температура, но ме отпишаа од болницата, раскажа Толевска за „Слободен печат“.

Но, веднаш после исписот од болницата, состојбата и се влошила во рок од неколку часови.

Туѓото тело е детектирано во нејзиниот организам, но ниту еден хирург не се нафаќа да го отстрани/Фото: Слободен печат

-За два три часа ми се слоши и морав да одам во приватната болница „Плодност“ на ехо. Таму првпат ми беше кажано, дека ми фали десниот јајник. Не можам да го објаснам како ми беше, во болницата во Битола да ми кажат дека ми извадиле циста, а после на приватно да дознаам дека ми фали јајник. Чувствував внатрешни трески. Бев многу здрава и успевав да издржам. Не ми беше паднат имунитетот како сега што ми е. Ми рекоа дека имам хируршки проблем, а не гинеколошки. Одев и паѓав, после оперативно не можев да одам на работа. Пробав секакви начини за да можам да функционирам. Конците требаше да ми се извадат. Го прашав лекарот кај ми е јајникот, ми рече дека му пукнал при операцијата. Од патологија дојде наодот, дека сум имала циста на јајникот, но дека бил здрав – со солзи во очите и видно вознемирена раскажува Толевска за „Слободен печат“.

Таа моли да се најде болница да ја прими и да ја згрижи хируршки, затоа што се наоѓа на работ на смртта. Според неа три години во телото има туѓо тело, за кое се сомнева дека е заборавена газа од операцијата. Послеоперативните компликации лошо се одразиле на сите органи, па сега има и васкуларни и кожни проблеми и бара добри испитувања, пред да се одлучи што понатаму.

После операцијата била на неколку клиники, од Струга, Скопје, Битола, на разни хируршки прегледи, ехо, магнетни прегледи, постојаните снимања не откриле ништо. Се додека еден ден, врвен медицински професор од Скопје не и кажал дека навистина, има некое туѓо тело во организмот, па предложил операција.

-Пред да почне ковидот со страшни болки кај што ми беше јајникот и матката, ќе се насобереше некоја течност, чувствував дека внатрешно се собира течноста во шуплината. На боледување бев цело време. Ми велеа дека така ми се чини и ме бркаа од болниците. Кучињата подобро ги прегледуваат во странство. Постојано ме шетаа од хирургија, па пак во Битола, па на крај на психијатрија. Ме однесе син ми да видиме дали навистина не сум во ред психички и така ми се чини, или имам некаков друг проблем, реален. И психијатарот оцени дека сум здрава, но дека регирам на таа физичка болка која ме исцрпува со години. После тоа, прифатив некако да живеам со болки, со страдања, со лекарства од матичниот лекар, антибиотици, само за да преживеам. Но, некаде во февруари, низ устата почнав да плукам парчиња од некаков материјал. Личи на памук на туткал, и буквално боцки ми излегуваат од целото тело, како игли. Ги носев парталите и парчињата во болницата и конечно видоа дека нешто се случува со мене, дека не ми се чини, туку дека навистина нешто во мене се распаѓа. Ме пратија на кожно, да се лекувам со некои креми, ама безуспешно беше. И конечно, во декември во тешка состојба на дигестивна хирургија ми рекоа дека има еминентен професор. Отидов кај него и му велам докторе јас имам газа внатре не ми треба никој да ми докаже зашто таа ниту се гледа на магнет ниту на компјутер. Се гледа на рентген. Зашто има конци во неа. Професорот ми рече, дека не му е јасно како сум жива и три години го врвам ова. Исто рече дека гледа дека кај левиот бубрег ми е распаднато парче од газата, па навлезено е во лимфата и имам среќа дека не ми навлегло во крвта, додава Толевска.

Таа се израдувала дека конечно е пронајден изворот на сите нејзини болки.

-Но не ме задржаа, ме запишаа дополнително да ме повикаат. Имам дијагноза корпус алиенум, што значи туѓо тело и болнички упат дека ќе ме закажат за термин за операција. Тоа беше во декември. Се надевав дека ќе ме викнат никој не ме повика. Имам страшни болки. Секој ден вадам такви игли од косата, снагата, рацете, лицето. Ги пуштија овие материјали на патологија, но од таму наложија уште една биопсија. Се распаѓам целата, имам красти. Направив биопсија и во приватна лабораторија и таму е утврдено дека тие игли што ми се создаваат на кожата, се зашто таа ги создава поради некакво тело. Но, глуви останаа сите за мене. Сега рацете ми се сини џигер. Се е затнато, секој ден се соочувам со смрт. Секое сабајле се радувам ако се разбудам жива. Раката ја губам, ногата, страшни болки имам. Во состојба сум да ја изгубам работата. Од жена која личеше здраво и нормално сите колешки во Битола знаеа како изгледам а како изгледам сега. Ако фондот ми ја покрие операцијата, во приватна болница ќе ми го отстранат туѓото тело, вели Толевска.

Директорката на битолската болница, доктор Билјана Гагачовска, негира дека е можно газата да била заборавена и додава дека само во 2020 година, Толевска била прегледана во болницата каде таа раководи 97 пати. 

Таа за „Слободен печат“ тврди дека сите инспекциски контроли за случајот се направени и не е констатиран пропуст, а прегледи се правени за случајот и во секоја можна клиника во Скопје од специјалност каква што е потребна за случајот.

-Пациентката само во 2020 година ја прегледавме 97 пати. Сите служби во државава се известени за случајот, од Министерство до инспекција. Се е преземено и поплаките се одговорени. Но таа упорно тврди дека и била заборавена газа. Не сум хирург да кажам што би се случило ако некому со години му е оставена газа, меѓутоа, сигурно немаше да стои на нозе, ни рече доктор Гагачовска.

текстот е сопственост на СЛОБОДЕН ПЕЧАТ Досие го превзема во целост со цел да се помогне на жената

Total
0
Shares
Поврзани објави