Уапсена десетчлена група осомничена за криумчарење мигранти

Полицијата денеска спроведе акција за разбивање на 12-члената група која оперирала од декември лани. Во рамките на акцијата се уапсени десет члена од група од Богданци, Скопје, Битола, Валндово и Лојане осомничени за криумчарење мигранти.

Тие оперирале од декември лани и досега се претпоставува дека прокриумчарила околу 100 мигранти од Aвганистан, Пакистан, Сирија, Иран, Египет и други земји од Блискиот и Средниот Исток, кои претходно престојувале на територија на Грција.

Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, вели дека организаторите на групата биле М.С., неговиот син С.С. од Богданци, А. А. од Скопје и А.М. од село Лојане, Општина Липково, кои во соработка со лица од Грција, на територијата на нашата земја, изминатите десет месеци пренеле околу 100-тина илегални мигранти, за што наплаќале од 500 до 700 евра по лица.

Мигрантите од Грција во земјава биле внесувани преку илегални премини на т.н. „зелена граница“ во околината на Гевгелија и Дојран, од каде потоа со помош на водичи т.н. „качаци“, биле доведувани на претходно утврдени и договорени локации, по што членовите на организираната криминална група ги прифаќале и со возила ги превезувале до одредени локации во кумановско-липковскиот регион.

Таму тие биле сместувани привремено во објекти на членови, криминални соработници и помагачи на криминалната група, а потиа биле пренесувани преку границата со Србија, а оттаму кон државите од Европската унија.

Во денешната полициска акција извршени се претреси во вкупно 10 објекти во Гевгелија, Скопје, Штип и Куманово, при што сеуапсени 10 лица, додека еден веќе издржува мерка притвор за претходно сторено исто кривично дело.

До ОЈО се поднесени кривични пријави против 12 лица и тоа против М.С. (49) од Богданци, неговиот син С. С. (23) од Богданци, А.А. (42) од Скопје и А.М. (47) од с.Лојане општина Липково, Б.Ј. (22), М.М. (21) и Д.С. (29), тројцата од Богданци, Т.К.Ц. (53) од Штип, Ј.К. (23) од Богданци и Т.М. (36) од Валандово, Д.Љ. (39) и Ф.А. (26) од Скопје, за „Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ и „Криумчарење на мигранти“ по различни ставови од членот 418 б и в од КЗ.

Се работи за заедничка акција на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, Одделот за специјални и посебни операции, СВР Струмица и Регионалните центри за гранични работи „Југ“ и „Исток“, во координација со јавен обвинител од ОЈО за Гонење на организиран криминал и корупција.

Total
0
Shares
Поврзани објави