Штедачи на „Еуростандард“обвинуваат дека експозитурата на банката спроти Собрание на ул Даме Груев е ограбена. Тие денеска на фејсбук страницата „Уа лопови“ објавија фотографии каде се гледа уништена просторија и расфрлани безвредни работи.

„Се што нешто вредело (компјутери, штампачи, копири, бројачи на пари, клима уреди, автоматот за кеш исплата и тн.) се е украдено или однесено во непознат правец. Останати се само безвредни работи и расфрлана и уништена документација“, пишува оштетениот штедач.  

Тој се чуди што вака неодговорно се чува стечајната маса на банката од која се очекува да се вратат штедните влогови.

„Ова пред Собранието каде врие од полиција дење и ноќе. Како ли е по другите места еден Господ знае“, се прашува штедачот.

Тој вели дека во експозитурата на банката влегол сопственикот на локалот и собрал се за да си ја наплати заостанатата кирија.

Според него, ако тоа е принципот на обештетување, тогаш што треба да направат штедачите, да ги нападнат канцелариите и да соберат се по ред.