Семејно насилство во гостиварско – жртвите се срамат да пријават

– Десетина сопруги, деца, родители, девојки од Гостиварско годинава биле жртви на насилство во семејството. Во споредба со лани, во овој период има помалку пријавени случаи. Психолозите предупредуваат дека појавата може да земе замав со завршувањето на кризата и укинувањето на карантините.

Семејното насилство во последниве години станува сè повидливо. Тоа го покажуваат и податоците на полицијата. Од јануари до крајот на мај во Гостиварско се регистрирани девет кривични дела за семејно насилство. За споредба со лани, за петте месеци биле изготвени вкупно 16 поднесоци, кои опфатиле исто толку кривични дела поврзани со ваков вид насилство.

Во шест случаи имало нанесување телесни повреди, а во три загрозување на сигурноста. Во време на карантин (полициски час) во некои семејства насилството било застрашувачко. Две жени го почувствувале гневот на сопрузите и трпеле закани, при што се користени нож и секира. Во трите кривични дела загрозување на сигурноста при семејно насилство, пак, две „жртви“ се женски лица (сопруги) и едно машко (син), а ги сториле три машки лица (сопрузи и татко).

Во пријавите на Одделението за внатрешни работи Гостивар стои дека шест од „жртвите“ (сопруги, мајка, сестри, ќерки и невенчана сопруга) добиле телесни повреди. Како причина за насилството се наведуваат психички растројства на насилниците и алкохолот. Анализата на СВР Тетово поврзана со оваа појава укажува дека појавата има поголеми размери и не ја отсликува реалноста.

– „Голите“ бројки на пријавени случаи и изготвени поднесоци со кои законски се санкционира семејното насилство не секогаш ја отсликуваат вистинската состојба со овој безбедносен проблем, зашто не мал број од „жртвите“ на ваквиот вид насилство не го пријавуваат. Најчесто поради предрасуди, стигма или поради нивна економска и друга зависност, вели за МИА портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.

Во Центарот за социјална работа Гостивар работи тим што врши проценка на ризик и заштита на жртвите. Психологот Билен Карахасан предупредува на можен наплив на семејното насилство како последица на кризата од пандемијата и траумите што таа ги остава.

– Кога ќе замине оваа вонредна ситуација, може да очекуваме наплив на нови случаи, бидејќи по трауматичен период настапува фаза, која се нарекува ПТС (посттрауматичен стрес-синдром). Тогаш на површина излегуваат симптомите на преживеаните трауми. Тоа е како резултат на олабување на одбранбените механизми и настанува нов период, вели психологот Карахасан.

Од невладионот сектор предупредуваат и на појава што следува по пријавеното насилство. Има обиди за помирување на партнерите и ветувања што подоцна не се остваруваат, по што насилството повторно влегува во семејството.

портпарол на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.

– Значителен број од пријавените случаи, оштетените („жртвите“) неретко се премислуваат и ги повлекуваат пријавите со изјави заверени на нотар. Тоа се случува понекогаш непосредно пред самото започнување судски процес. Има и случаи кога „жртвите“ ги релативизираат последиците, прикажувајќи ги како полесни од вистинските и бараат само полициско предупредување за насилниците, плашејќи се од натамошни можни посериозни последици по нивната физичко-психичка состојба, појаснува Јосифоски, портпаролот на СВР Тетово.

Невладините организации што го третираат овој проблем, преку кампањи се обидувааат да ја подигнат свеста во општеството. Со нив ги поттикнуваат жртвите да ги пријавуваат насилниците и да бараат помош, наспроти срамот и традиционализмот што владее во семејствата.

Тие најчесто потсетуваат дека за справување со насилството во Северна Македонија е усвоен национален акциски план за спроведување на Истанбулската конвенција и нагласуваат дека во сила е и Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство.

analiza: МИА

Total
0
Shares
Поврзани објави