Основното јавно обвинителство Струмица донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице од село Добрејци кое е осомничено дека сторило кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 1 од Кривичниот законик. Истрагата е отворена, бидејќи постои основано сомнение дека осомничениот на 07.05.2019 година на свиреп и подмолен начин го лишил од живот Ристо Илјашев, а потоа се обидел да го прикрие убиството.
Имено, осомничениот од претходно се познавал со жртвата и на критичниот ден се понудил да го превезе со својот автомобил Фиат пунто. Од тој момент на Илјашев му се губи секаква трага и тој повеќе од еден месец се водеше како исчезнато лице.
По наредба на јавен обвинител, беа преземени повеќе дејствија, беа извршени претреси на повеќе локации и беше организирана опсежна потрага по исчезнатото лице, особено во реонот на браната Турија, каде што било забележано возилото на осомничениот. Притоа, со обезбедените снимки од видео надзорот на околни објекти е утврдено дека Илјашев на критичниот ден се качил во автомобилот на осомничениот во Струмица, иако осомниченото лице во своите искази дава контрадикторни информации за тоа дали го превезувал оштетениот. Дополнително, во работилница во сопственост на осомничениот во село Добрејци беа пронајдени биолошки траги кои потекнуваат од жртвата.
На 20 јуни во водите во близина на браната беше пронајдено буре во кое се наоѓало тело на починато лице. Со цел да се задржи под водата, бурето било оштетено и во него биле поставени тегови. По наредба на јавен обвинител, беше извршена ДНК анализа со која се утврди дека починатото лице е исчезнатиот Илјашев. Тој бил уличен препродавач на девизи, а кај него не биле пронајдени околу 26.000 евра кои, според неговите блиски, ги носел со себе на денот кога исчезнал.
Основното јавно обвинителство Струмица нареди обдукција на починатото лице, вештачење на неговата облека и на предметите пронајдени во бурето. Се преземаат и дополнителни мерки за целосно расчистување на настанот.
Поради опасност осомничениот да се даде во бегство или да влијае врз сведоците, надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Струмица достави Предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице. Ваквиот предлог беше прифатен од страна на судот и на лицето му беше определен притвор.

соопштение ЈО