Поранешен болничар призна дека убил сто пациенти

Нилс Хегел е обвинет поради најголемото сериско убиство во историјата на повоена Германија. Веднаш на почетокот на судскиот процес тој даде признание за убиствата.

Поранешниот болничар Нилс Хегел ги призна делата веднаш на почетокот на судскиот процес против него што се води во Олденбург. На прашањето на судијата претседавач – дали обвиненијата покренати против него се правилни, Хегел одговори со „да“.

Претходно, Хегел беше испрашуван во судот опширно за неговото професионално образование и приватните односи. На почетокот на процесот не станува збор за конкретните кривични дела, поради тоа што судиите имаат намера да одат постапно и настаните наведени во опширното обвинение да ги обработуваат хронолошки. Хегел рече дека непосредно по почетокот на професионалната кариера бил под многу голем притисок на работното место, па почнал да зема лекови против болка. „Тоа беше стрес“, рече тој. Уште тогаш морал да си признае себеси дека таа работа не е за него, рече Хегел.

Обвинетиот е веќе осуден на доживотен зтавор за шест кривични дела, а сега е пред суд за сто други убиства кои, како што се тврди во обвинението, Хегел ги извршил во периодот од 2000 до 2005 година, на две клиники во Олденбург и Делменхорст. Како што тврди обвинителството, Хегел за време на своите смени во одделенијата за интензивна нега им давал на пациентите различни лекови без лекарска наредба. Тој сакал да предизвика срцеви компликации или компликации со крвотокот, за потоа да ги оживува пациентите. Голем дел од пациентите на возраст помеѓу 39 и 96 години починале.

Во 2005 година Хегел добил отказ од работа, а потоа е и уапсен поради тоа што негова колешка го набљудувала додека извршува кривично дело. Во првиот судски процес, во 2008 година, е осуден за тоа дело, а во вториот судски процес против него, во 2014 и 2015 година, е осуден за уште пет дела. Притоа, Хегел, изненадувачки призна дека извршил уште убиства.

Мамутскиот судски процес денеска почна со минута молчење за жртвите. Термини за судски рочишта во овој процес има до мај наредната година. Роднините на жртвите упатуваат остри критики поради наводното одолговлекување на истрагата. Во посебна судска постапка се обвинети дел од лицата кои носеле одговорност во клиниките каде што Хегел ги извршувал убиствата, поради тоа што и покрај постоење на првични интерни сомневања за неговите дејства, тој долго време можел непречено да убива.

извор: dw.com.mk

Total
0
Shares
Поврзани објави