Иван Милат, чии монструозни сериски убиства на млади автостопери ги шокираа Австралијците во раните 90-ти, почина во затворот во Сиднеј на 74-годишна возраст.

Милат, по татко Хрват, беше осуден за убиство на седум млади луѓе, кои наводно ги извршил во југоисточна Австралија помеѓу 1989 и 1992 година.

Одлежуваше доживотен затвор, а во мај оваа година му бил дијагностициран рак на желудникот и хранопроводникот.

Неговите седум жртви беа двајца Британци на возраст од 21 и 22 години, двајца 19-годишни Австралијци и тројца Германци, на кои им понудил да ги вози.

Телата биле откриени помеѓу септември 1992 и ноември 1993 година, закопани во шумата Белангло, на околу 150 километри јужно од Сиднеј. Некои биле заклани, а некои застрелани.

Иван Милат беше уапсен во мај 1994 г. благодарение на сведочењето на британски автостопер што за чудо му избегал. Беше осуден во 1996 година.

Милат беше и главниот осомничен за убиствата на три жени што исчезнале десет години пред тоа, но нивните тела не беа пронајдени. Милат ги негираше овие убиства, како и сите други за кои беше осуден.

Во затворот си го отсече прстот и му го испрати на судијата.

Иван Милат е по потекло од Корчула.

Во 2015 година, братот на Иван, Борис Милат, им рече на новинарите дека е сигурен дека полицијата не ги пронашла сите жртви на брат му.

„Мислам дека тој изврши многу повеќе убиства од овие седум“, им рече тој. Кога го прашале колку луѓе мисли дека убил Иван, Борис одговорил: „Околу 28“, потврдувајќи ги најлошите сомнежи кога станува збор за едно од најлошите сериски убиства во австралиската историја.