Зоја Бузалковска од ФДУ ја повика министерката Дескоска да каже што ќе направи за да ги отстрани неправилностите во изборите за ректор на УКИМ

На изборите за ректор на УКИМ што се одржаа вчера според податоците од Универзитетската изборна комисија од седумте кандидати најмногу поени освоил актуелниот ректор Никола Јанкуловски. Неколку дена пред изборите тројца од седумте кандидати се повлекоа, а Научно-наставниот и уметнички совет на ФДУ одлучи да не гласа на изборите


Професорката од Факултетот за драмски уметности Зоја Бузалковска во отворено писмо преку социјалните мрежи до министерката за правда Рената Дескоска прашува што ќе направи таа за отсранување на неправилностите во постапката за избор на ректор на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, што се одржаа вчера, а на кои за ректор на најстариот факултет беше реизбран професор Никола Јанкуловски.
„По повод Вашиот завчерашен бодречки повик на професорите на најстариот универзитет во државава УКИМ, да излезат на гласањето за ректор, со пријателски совет дека бојкотирањето не е решение, би сакала јавно, исто како што Вие јавно нè повикавте да гласаме, да Ви поставам неколку прашања:

1.Теоретски, дали е точно дека, согласно Законот за високо образование, нема цензус во гласањето за ректор, а се вади процент од важечките гласачки ливчиња, па така, во услови на апсолутен бојкот на универзитетското гласачко тело, кандидат за ректор би можел да победи на изборите со само еден глас, добиен од самиот себеси?

2.Дали Вие мислите дека повикувањето на почитување на уредбите на Владата во услови на вонредна состојба претставува упад во автономијата на УКИМ?

3. Ако не, тогаш што Вие ќе направите во отстранување на неправилностите во спроведувањето на изборите за ректор на УКИМ како актуелна Министерка за правда?

4. Дали Вашиот повик за гласање и небојкотирање на изборите, како актуелна Министерка за правда, која на овој начин им дава легитимитет на изборите и ги негира низата прекршувања што беа направени, не е всушност најексплицитен упад во автономијата на УКИМ?“, вели Бузалковска во јавното обраќање до Дескоска.

Наставно-научниот и уметничкиот совет на ФДУ одлучи да не учествува на вчерашните избори за ректор, а покрај Јанкуловски кандидати беа професорите Коле Василевски, Јане Ацевски и Александар Димитров. На изборите беа пријавени седум кандидати, но неколку дена претходно професорите Петар Атанасов, Вујица Живковиќ и Драган Димитриевски најавија дека се повлекуваат од трката.

Универзитетската изборна комисија вчера ја објави одлуката за избран кандидат за ректор, и според која најмногу поени 3.604.454 поени освоил досегашниот ректор Никола Јанкуловски. Најмалку поени од седумте кандидати за ректор на УКИМ освоил кандидатот Јане Ацевски или 89.902 поени. На изборите за ректор се гласаше на 22 од 23 факултети на УКИМ.

Универзитетската изборна комисија соопшти дека според доставените списоци од изборните комисии, гласањето поминало без проблеми и неправилнсти. Според избирачките списоци на единиците, запишани се вкупно 1450 гласачи, од кои 30 гласачки ливчиња за ФДУ, но поради одлуката на нивниот Наставно-научен и уметнички совет за неучество, останале во архивата на УИК. Комисијата соопшти дека на изборите гласале 942 члена на Наставно-научните/Научните совети, а по гласањето 478 гласачки ливчиња се неискористени и 106 се неважечки.

Total
0
Shares
Поврзани објави