Георги Бошнаков, кој со сопругата и двете ќерки загина вчера откако „цесната“ со која летале од Охрид за Софија падна кај Солунска Глава, бил поранешен шеф на одделот за „Имплементација и одржување на информатики и технологии“ во рамки на бугарсата Агенција за регистрација, информираат бугарските медиуми.

Потоа започнал приватен бизнис и во моментот имал компанија за рециклирање на отпадоци.

Малиот авион од типот цесна П210Н кој вчера беше изгубен од радарскиот систем се урнал кај Солунска глава, каде и исчезнал од системот. Остатоците од авионот се пронајдени, како и телата на четирите патници – бугарски државјани, информираа за МИА од Агенцијата за цивилно воздухопловство.

Остатоците од авионот ги лоцирале хеликоптери и спасувачки екипи од МВР. Авионот сообраќал на релација Охрид – Софија.

Акцијата да се дојде до остатоците од авионот продолжува денеска оти сношти беше прекината поради лошото време.