Заев за МИА: Имавме кратка, но значајна средба со Бајден

Премиерот Зоран Заев попладнево на самитот на НАТО во Брисел се сретна со американскиот претседател, Џозеф Бајден, за кого ова беше прва лидерска средба во Алијансата откако стапи на оваа функција. Зоран Заев го поканил Бајден во Северна Македонија, јавува МИА од Брисел.

Во интервју за МИА, кое ќе биде објавено утре, премиерот Заев откри дека остварил кратка, но значајна средба со новиот американски претседател од кого добил охрабрувачки пораки, и најава за посета на Западен Балкан.

„Се видов и со претседателот Бајден, имавме прилика да поразговараме, разговорите беа прво за нашата енергетска поврзаноста, којашто ја правиме заедно кое го правиме преку проектот Александрополи, тоа е американско-грчки-македонски проект, но поразговаравме и за неговата посета на Западен Балкан. Ја искористив приликата да го поканам, секако тој позитивно искоментира, кажувајќи ми дека го знае Западен Балкан, работел за Западен Балкан, ја има целата поддршка на Соединетите Американски Држави и секако во неговата агенда ќе планира некоја посета. Позитивно беше што беше информиран веднаш и веднаш честиташе за нашето членство во НАТО“,

изјави Заев за МИА.

„Навистина разговорот беше пријатен како земји стратешки партнери во делокругот на вредностите, на демократијата, на напредувањето на сето она што значи квалитетен живот овде во Северна Македонија. Затоа што навистина Америка тоа го правела сите овие 30 години независност во нашата поддршка, а за мене и за нашиот народ е важно да продолжи таа поддршка. Драго ми е што имавме прилика со него да поразговараме на вака значајни теми коишто се преокупација и на Америка и на Европа, иако не сме членка на ЕУ, верувам дека подеднакво гледаат на сите нас, впрочем тоа и го покажа тоа низ разговорите претседателот Бајден“,

раскажа премиерот.

Премиерот оствари низа други билатерални средби со лидерите на земјите членки на НАТО на овој самит, кој е и првиот за Северна Македонија откако таа е полноправна членка на Алијансата.

Total
0
Shares
Поврзани објави