ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од Заев зошто рекол дека бугарите не се фашисти

ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од премиерот Зоран Заев затоа што во интервју за бугарската новинска агенција БГНЕС рекол дека Бугарија не е фашистичка земја и дека е наш пријател.

Во соопштение објавено утрово велат дека Заев бил срам за државата после ставовите во интервјуто, кои за нив се антидржавни.

„Нема Македонец кој не се срами од додворувањето на Заев кон бугарската влада на штета на македонските интереси. Зоран Заев го продава македонскиот идентитет, јазик и историја“, стои во соопштението.

Тие сметаат дека Заев се откажал од Гоце Делчев-црвената линија на македонскиот идентитет и дека бугарите биле ослободители во втората светска војна, и со тоа ги израмни македонските партизани со бандити.

„Зоран Заев се откажа и ја погази жртвата на Орце Николов, Раде Јовчевски Корчагин, Стив Наумов, Вера Јоциќ, Борка Талески, Методија Андонов Ченто, и плејада други знајни и незнајни јунаци кои животот го положија за слободна Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, Заев не треба да чека народот да го смени, туку треба самиот веднаш да си даде оставка.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера повика на протест за одбрана на црвените линии во преговорите со Бугарија, што ќе се одржи денеска во 18 часот, од СЦ Борис Трајковски до Владата.

Total
0
Shares
Поврзани објави